Фондацијата за доделување на престижната награда во денешното соопштение (4.5) наведе дека Нобеловата за литература за 2018 ќе ја додели следната година, заедно со наградата за 2019. Со тоа на некој начин се исполни нашето предвидување (види тука), за тоа дека наскоро наместо награда можеби ќе се доделува Нобелова пофалница.
Причина за ваквата кулминација на настаните е долго прикриваниот сексуален скандал кој вклучува влијателен директор на литературен клуб во Стокхолм, сопруг на долгогодишна членка на Шведската академија, кој е обвинет за малтретирање на дури 18 жени, како и за предвремено обзнанување на имиња на најмалку седум неодамнешни добитници на наградата за литература.
„Активните членови на Шведската академија се свесни дека моменталната криза на доверба подразбира долготрајна и огромна работа на промени во нивната работа. Ќе мораме да посветиме многу време за обновување на јавната доверба во академијата пред да биде објавен следниот лауреат. Ова го правиме од почит кон претходните и идните книжевни добитници, кон Нобеловата фондација и кон jaвноста“, изјави Андерс Олсон, в.д. постојан секретар на Академијата, поставен по оставката на Сара Даниус, претходната постојана секретарка.
Нејзиното повлекување предизвика големи протести (фото горе), во смисла на тоа дека една жена која чесно си ја вршела својата работа нема зошто да дава оставка заради лошо однесување на еден маж. Оставки дадоа и најмалку уште тројца постојани членови на Комитетот за доделување на Нобеловата за литература. Со оглед на правилата според кои позициите во Академијата се доживотни и нема начин за замена на оние кои даваат оставки, кралот Карл XVI Густаф објави дека ќе ги промени правилата, за да може да се надмине и овој аспект на кризата.
Одлуката за одложување на овогодишното доделување некако логично се паѓа во мај, бидејќи токму овој месец ќе требаше списокот на можни добитници, од околу 200 номинации колку што добива Комитетот секоја година, да се сведе на неколку имиња, за кои би се дискутирало преку летото. Годишниот добитник на наградата обично се објавува во октомври.
Ова е редок случај на откажување односно одложување на наградата, при што последен пат ова се случило во 1943, во зенитот на Втората светска војна. И претходни откажувања биле главно поврзани со војни, или со недостаток на доволно вредни имиња (како во 1915, 1919, 1925, 1926, 1927, 1936 и 1949), но никогаш поврзано со сексуален скандал.