Поранешниот секретар на Академијата, Петер Енглунд, како и авторите Клас Остергрен и Кјел Еспмарк, поднесоа оставки од нивните постојани технички позиции во Комитетот за доделување на Нобеловата за литература, кој се состои од 18 членови, обвинувајќи високо позиционирана личност поврзана со групата за сексуално малтретирање.
Гласините за скандалот излегоа на површина кога во ноември Шведска ја зафати движењето #МеТоо, а шведскиот дневен весник Даген Ниетер извести дека маж - кој беше наречен „Културен Профил“ - наводно сексуално нападнал најмалку 18 жени во изминатите две децении.
Њујорк тајмс и неколку шведски медиуми од тогаш го идентификуваа човекот како Жан-Клод Арно (на фотографијата горе), влијателен директор на литературен клуб во Стокхолм, кој обединува голем број познати уметници. Сопруга на Арно е поетесата и долгогодишната членка на Шведската академија, Катарина Фростенсон. Според обвинувањата, Арно ги извршил малтретирањата меѓу другото и во канцеларии во сопственост на академијата.
По објавувањето на статијата, Шведската академија најави сопствена истрага, ги прекина финасиските врски со клубот, и објави дека обвинетиот нема да биде добредојден на идни функции во институцијата. Исто така најми голема фирма за да ги истражи обвинувањата.
Таа истрага пак обелодени и други, неочекувани факти. На пример дека „Културен Профил“ предвремено ги обзнанил имињата на најмалку седум неодамнешни добитници на наградата за литература, меѓу кои Боб Дилан, Светлана Алексиевич и Патрик Мондијано.
И покрај сето ова, еден ден пред оставката на тројцата членови, Шведската академија гласала Фростенсон да продолжи да членува во неа, и тоа со големо мнозинство. Токму ова ја прелеало чашата. Прв оставка дал Енглунд, велејќи дека членовите премногу се занимавале со поединечните интереси а премалку со законите и суштинските идеали на асоцијацијата. Следеа оставките на другите двајца постојано вработени.
Ова предизвикува големи статутарни проблеми за Шведската академија, бидејќи не постојат јасни правила како да се замени се уште жив член на Комитетот. Ова претходно се случило само еднаш, кога Кнут Анлунд се откажа од својата позиција во 2005 во знак на протест што Нобеловата ѝ беше доделена на австриската писателка Елфриде Јелинек, чие дело тој го нарече „насилно порнографско“. Неговата позиција едноставно беше замрзната, до смртта на Анлунд во 2012. Плус за избор на нов член се потребни најмалку 12 гласа, а ако даде оставка уште еден, како што наводно се подготвува тоа да го стори Сара Стридсберг, и ако уште двајца заминат (исто така најавено) поради различни причини, Академијата ќе се најде во безизлезна ситуација и изгледа ќе мора да си ги промени правилата.
Шведскиот крал Карл XVI Густав, спонзорот на оваа институција, изјави дека развојот на настаните „е тажен“ и дека се надева на разрешница. Голем број други, обични смртници, не се баш убедени дека тоа ќе биде така.