„Погледни ме“ – нова автобиографија на Дастин Хофман

Вчера, 10.11., излезе нова автобиографија на Дастин Хофман во која тој се навраќа на патот од несигурното момче од Калифорнија до еден од највлијателните актери на американската кинематографија. Но ова не е само холивудска приказна за успехот, славата и незаборавните улоги. Тоа е и исповед за потребата од признание, семејните рани, старите демони и тешкотијата човек да се соочи со сопствените слепи точки.

Насловот на автобиографијата на Дастин Хофман, Look at Me („Погледни ме“), која излезе вчера, 10.11. и веќе е на бестселер листата на Амазон, се должи на анегдота од снимањето на „Маратонец“ од 1975. Кога Хофман му објаснувал на својот колега Лоренс Оливие дека актерството е начин човек да му каже нешто на светот, Оливие му одговорил дека сè се сведува на едноставната потреба да и се обратиш на публиката со зборови кои се истовремено и молба и наредба: „Погледни ме“. Книгата се однесува токму на оваа потреба, но и на тенката граница меѓу уметничката посветеност и можната нарцисоидност на актерите.

Книгата, напишана во соработка со новинарката Ариел Леви, го следи Хофман од детството во секуларно еврејско семејство во Калифорнија, преку њујоршките театарски кругови и пријателствата со тогаш сè уште неафирмираните Џин Хекман и Роберт Дувал, до статусот на една од најзначајните актерски фигури на американскиот нов бран. Улогата во „Дипломецот“ на Мајк Николс го направила познат речиси преку ноќ, иако првично не бил очекуваниот избор за романтичниот млад протагонист. Потоа следувале незаборавните трансформации во „Полноќен каубој“, „Крамер против Крамер“, „Тутси“, „Вејг д Дог“ и „Рејнмен“. Хофман зборува и за методот на глумење, за потребата да остане целосно присутен во сцената, но и за својата склоност да им противречи на режисерите и да биде тежок соработник. 

Најемотивниот дел од книгата е посветен на неговиот татко Хари, човек кој и самиот сонувал за кариера во Холивуд, но наместо тоа работел во одделот за реквизити на студиото „Колумбија“. Неговите неостварени амбиции се претвориле во гнев и огорченост што ги истурал врз синовите. Хофман се навраќа на болните спомени од детството, но и на еден особено понижувачки момент: кога татко му дошол на снимањето на „Дипломецот“, а режисерот Николс се потсмевал со неговите несмасни обиди да му објаснува како треба да се снима. Подоцна, Хофман го искористил татка си како инспирација за ликот на Вили Ломан во „Смртта на трговскиот патник“, но Хари не ја препознал сличноста. Токму оваа приказна, според рецензентот Питер Бредшо, открива колку длабоко и можеби сè уште непреработено останало влијанието на таткото врз актерот.

Но книгата има и една голема празнина: начинот на кој Хофман се соочува со обвинувањата за сексуално вознемирување, кои се појавија во 2017 година во рамките на движењето #MeToo. Неколку жени го обвинија за несоодветно однесување, меѓу нив и Ана Греам Хантер, која тврдела дека ја вознемирувал кога имала 17 години и работела како практикантка на снимањето на телевизиската адаптација на „Смртта на трговскиот патник“ во 1985. Хофман ги негирал обвинувањата, но признал дека можеби се однесувал непромислено и без доволно такт. Во автобиографијата, сепак, темата е обработена површно, без имиња и без вистинско соочување со конкретните сведоштва. 

Сепак, „Погледни ме“ не е само приказна за холивудската слава, туку и портрет на човек кој, и покрај децениите признанија, никогаш не успеал целосно да се ослободи од сопствените несигурности. Во книгата има многу анегдоти, духовити сеќавања и моменти на искрена ранливост, но и одбранбен став кога станува збор за обвинувањата за сексуално недолично однесување. 

11 ноември 2026 - 10:37