Вајл дер Штад е гратче од околу 20.000 жители во југозападна Германија, западно од Штутгард. Католичката црква Св. Петар и Павле навидум по ништо не се разликува од други катедрали. Но неа често ја посетуваат љубопитници кои сакаат со свои очи да се уверат дека на црковниот витраж е претставен никој друг туку Адолф Хитлер.
Станува збор за поголем витраж кој се состои од девет панели и претставува сцени од животот на Исус. Во горниот десен агол има една од Евангелието по Матеј, во која ѓаволот ја тестира верата на Исус. Уметникот ЏоКарл Хубер одлучил персонификација на злото да биде Хитлер, а него да го претстави во жолта облека, боја која симболизира суета и опседнатост. Тој можел да се извлече со ваквиот потег бидејќи свештеникот во катедралата во тоа време му овозможил азил.
Делото е направено во 1939, во времето на нацистичкиот режим, кога според биографијата на уметникот тој од страна на нацистите бил еиткетиран како „дегенерик“, иако неговите дела не биле вклучени во озлогласената изложба Entartete Kunst (Дегенерирана уметност) во Минхен во 1937, чија цел била да се поттикне јавно мислење против модернизмот. Тој во 1941 бил регрутиран во германската армија, а во 1944 бил заробен и поминал некое време во британски камп за воени затвореници. По војната се вратил во Минхен, каде продолжил да работи како уметник во различни медиуми, меѓу кои стакло, хартија, бронза и камен. Сепак, во историјата на уметноста е запомнет токму по спомнатиот витраж.
Сепак, ова не е единствена визуелизација на Хитлер во цркви во Европа, на чии прозорци се појавува лик кој неодоливо потсетува на Хитлер. Германскиот историчар Михаел Кудерна пронашол најмалку пет вакви визуелизации кои датираат пред 1945 и девет по овој датум. На пораните слики е тешко да се докаже дали тоа е навистина диктаторот, но подоцнежните се послободни во прикажувањето на неговиот лик, прикажан како егзекутор или како зло суштество кое гори во пеколот.
Една од овие слики е во Васпервије, Франција (фото горе), на која е прикажана старозаветна сцена во која Рахела ги краде домашните идоли од нејзиниот татко. Уметникот, Габриел Кутемајер го ставил хитлеровиот лик на еден од идолите. Таткото на Габриел бил остар опонент на нацистите, а во моментот кога бил направен витражот бил држен во притвор на Гестапо во Берлин. Симболиката и пораката којашто сакал да ја испрати Кутемајер е дека и Германците во тој момент следеле лажни идоли.