Во 2013, кога Русија воведе закон кој забранува „пропаганда на нетрадиционални сексуални односи“ пишувавме дека тој стана основа за забрана на делови од тогаш нов биографски филм за славниот композитор. Ново и прво издание на негови писма на англиски сега го обелоденуваат она што руските цензори долго време се обидуваа да го скријат од светот.
„Боже, какво ангелско суштество, на кое копнеам да му бидам роб, негова играчка, негова сопственост“. Вака гласи еден од страсните извадоци од новообјавените писма на Чајковски, посветен на негов млад слуга. Тие до сега не биле објавени ниту на руски, ниту на англиски, а како резултат на напорите на Русите да ја скријат или барем да ја маргинализираат поинаквата сексуална определба на еден од нивните најголеми национални композитори.
Книгата е со наслов „Документите Чајковски: отклучувањето на семејната архива“ во издание на Јеил Универзити Прес. Писмата се чувани во архивите на државниот музеј на Чајковски во градот Клин, северо-западно од Москва, каде што тој живеел од 1892 до смртта следната година, на 53-годишна возраст, како резултат на епидемија на колера. Марина Косталевски, со-уредник на новото издание, вели: „Во нашата книга сите текстови се презентирани во целост, нема бришење или бирање на делови кои некому би му одговарале“. Таа додава и дека иако хомосексуалноста на Чајковски одамна е прифатена на запад, таа се уште предизвикува вжештена, а понекогаш и грда дебата во Русија.
Во едно писмо композиторот пишува за средба со „младич со восхитувачка убавина“. „По нашата прошетка му понудив малку пари, кои ги оби. Тој се дружи со мене заради љубовта кон уметноста и обожува мажи со бради“. Посебно се отворени писмата на композиторот до брат му, каде ги опишува и неговите чести контакти со макроа кои му наоѓале придружба, меѓу другото и затоа што тој страдал од „неверојатна срамежливост“.