Сценаристот Јури Арабов, познат по досегашната работа на филмови за Ленин, Хитлер и императорот Хирохито, за весникот „Известија" изјавил дека досегашниот став на проучувачите на ликот и делото на Чајковски, дека тој бил хомосексуалец, се погрешни, и дека сценариото на овој филм го портретира композиторот „како личност без семејство кој е заглавен во сопственото убедување дека наводно сака мажи и страда од гласини поврзано со истото".
И продуцентката на филмот, Сабина Јеремејева, рекла дека тој нема да оди контра новиот закон против геј пропаганда, кој предвидува повеќе од 2,000 евра казна за „пренесување информација за нетрадиционални сексуални односи" во масовните медиуми.
Претходно еден друг режисер, кој е истовремено и уметнички директор на театарот Гогољ во Москва, Кирил Серебреников, беше најавен како можен автор на филмот, но тој се откажал затоа што имал проблеми со финансирањето - властите биле загрижени околу можниот хомосексуален момент во приказната, и начинот на кој тој ќе биде третиран. Министерот за култура Владимир Медински во интервју изјавил дека „сексуалните преференци не треба да бидат ни прикажувани ни дискутирани, ниту на телевизија, ниту во парламентот, ниту на собир од 500,000 луѓе". Подоцна министерството се согласило да го финансира филмот, но очигледно под свои услови.
Според руски истражувачи на животот на Чајковски одрекувањето дека тој бил хомосексуалец е „бесмислено", особено имајќи ја предвид зачуваната преписка помеѓу него и неговиот брат Модест, а дека ваквите обиди за прикривање и извитоперување на информации ја прави земјата предмет на потсмев во очите на образованата западна публика.