Неандерталците ни се многу далечни роднини, со кои сме делеле заеднички предок пред околу 600.000 години. Тие еволуирале во Европа додека за наша прататковина се смета Африка, пред да се преселиме (во повеќе бранови) низ Евроазија.
Тие исчезнале пред околу 40.000 години, а ние, за арно или за лошо, сме го населиле светот и, и покрај сите микро-апокалипси од различна природа, изгледа не мислиме да си одиме. Но по што точно се разликуваме од неандерталците?
Една од главните разлики е во мозокот на нашиот вид, кој овозможил модерните луѓе да развијат апстрактни и сложени идеи, кои ги изразувале (и уште ги изразуваат) преку метафори - способноста да се споредат две навидум неповрзани нешта. За да се случи ваков когнитивен скок, нашиот вид морал да развие поинаква мозочна архитектура.
Неодамнешни откритија во археологијата и други дисциплини имаат додадено нови камчиња во мозаикот на нашето разбирање на неандерталците. Нови докази укажуваат дека тие имале вокални и аудитивни апарати кои од анатомска перспектива не се разликувале од нашите. А пак откритието на неадерталски гени кај луѓето укажува на меѓусебно спарување, што подразбира комуникација и социјални врски, барем колку за предигра. Но разликите се на друго место.
Првите зборови древните човечки видови (Хомо еректус) најверојатно се изговорени пред околу 1.6 милиони години. Како што се пренесувале од генерација до генерација, се појавувале нови термини и синтакса, што им овозможувало на раните неандерталци и на хомо-сапиенсите да имаат слични лингвистички и когнитивни капацитети. Но тие со текот на времето почнале да се разликуваат. Мозокот на Сапиенс добил сферична форма, а невралните мрежи почнале да ги сврзуваат изолираните семантички кластери од зборови. Кај неандерталецот тие останале такви, изолирани. Така, иако двата вида имале еквивалентна способност за говорење, се разликувале во однос на складирањето идеи во овој дел од мозокот.
Со поврзувањето на различни кластери во мозокот одговорни за складирање групи концепти, нашиот вид се здобил со способност да мисли и да комуницира преку користење метафори. Ова е најважната од нашите когнитивни алатки, која ни овозможува да ракуваме со сложени и апстрактни концепти. Така, метафората го трансформирала јазикот, мислата и културата на нашиот вид, создавајќи длабок јаз со неандерталците. Тие исчезнале, а ние сме уште тука, мислејќи и зборувајќи низ метафори.