Наутро одлучувате дека вечерта ќе се јавите на некој близок. Во меѓувреме имате и други нешта на ум, од пазарување, готвење, разнесување деца по разни активности, шетање миленик и што уште не. Психолозите велат дека не можат сите овие намери да бидат активни во нашата работна меморија цел ден. Имено, тоа е таков тип меморија кој складира привремени, актуелни информации кои помагаат во решавање проблеми, на пример математички операции или помнење листа на имиња кога хартијата и пенкалото се на другата страна од просторијата.
Накратко, работната меморија е ограничена, како во капацитет, така и во времетраење. Оттаму за луѓето да ги складираат своите намери е потребна онаа долгорочната, која мозокот ја одржува вон својот свесен дел.
Работата е што особено во модерното живеење, секогаш имаме неколку намери за иднината истовремено. Сите тие (шетањето на кучето, купувањето намирници, земањето лек после вечера и на крај повикот до пријателот) се тркаат за внимание и минување на целта, што значи премин во работната меморија.
Ново истражување на оваа тема изградило математички модел за тоа како нашиот ум бира намера којашто ќе ја запомни. Да ги замислиме намерите во долгорочната меморија како поединечни коњи во трка. Брзината на „коњот-намера“ е повлијаен од тоа колку околината овозможува тој да напредува и колку самата намера е важна за нас.
На пример намерата да се земе лекарство во моментот кога ќе се проголта последниот залак вечера е посоодветно преклопување со околината (затоа што содржи некаков повод), отколку планот едноставно да се земе лекот. Значењето би требало да е високо, доколку тоа лекарство овозможува олеснување на некаква тегоба.
Сето ова се случува несвесно, а намерата едноставно искрснува во умот, често додека сме преокупирани со други работи. Сепак, дури и да постои силно преклопување со околината и високо значење, тоа не значи дека тој коњ ќе победи. Едноставно, понекогаш игра улога и среќата, а не кој е најдобриот тркач.
Ова има и морални и законски импликации. Цели пријателства пропаѓаат затоа што некој некому заборавил да му честита роденден или да му заврши некоја работа. Истражувањето вели дека веројатноста на заборавање одредена намера е 3-10%. Голем број фактори влијаат врз меморијата, како возраста, стресот, психијатриските состојби и количеството сон.
Ова значи дека заборавањето на нешто важно не е секогаш врзано со негрижа. Најдоброто што може да го направиме е детално да мислиме на нашата намера, да придадеме голема важност на одржување на ветувањето и да си направиме потсетници кои ќе ни помогнат да се присетиме. Останатото е чиста среќа.