Почнувате да бирате креми за лице со ознака „за возрасна кожа“? Иако цел живот сте имале добар вид одеднаш не ви се догледува? Не јадете, а ви се фаќа? Добредојдовте во четириесетите.
Новата книга на Памела Друкерман, „Не постојат возрасни: приказна за средовечноста“ според зборовите на авторката се однесува на еден „збунувачки период во животниот век“. И, верувајте ни на зборот, навистина е таков.
Друкерман живеела во Париз последниве 14 години. Нејзиниот претходен бестселер „Растејќи го Бебе“ (за која пишувавме тука) се однесуваше на разликите во родителствувањето во Франција и Америка. Во новата книга таа го истражува францускиот пристап кон средовечноста. Истовремено, пишувањето на книга за четириесетите додека самиот ја живееш таа возраст е „прилично ’мета’ начин на стареење“, вели таа.
За возраста од 40 таа вели дека претставува „акумулација на голем број мали искуства“, или како што вели Виктор Иго, „старо доба на младоста“. Како такво, тоа би требало да носи малку повеќе мудрост и самодоверба. На пример, повеќе сила да се каже „не“ на луѓе и нешта кои одземаат енергија и внимание, што значи запоставување на сопствениот живот. „Правете го она што го сакате, само почесто. Не се секирајте многу за очекувањата на другите. Никој нема да умре ако не ручате со него - ќе преболат. Следете ги сопствените инстинкти и работите ќе си тргнат самите на подобро без многу да го мислите“, е еден од советите.
Веројатно главна причина за ваквиот нејзин лежерен став кон стареењето е фактот што кога имала 41 била дијагностицирана со рак, а притоа имала три деца и недовршена книга. Морала да се соочи со голем број мрачни сценарија, но истовремено и да си ги подреди приоритетите. Оттаму, ова не е само книга за средовечноста, туку за начинот на живеење исполнет живот воопшто, во секоја возраст.
Секако, нашите ставови кон нештата, па и кон сопствената средовечност, не се формираат во вакуум, туку во одреден културен контекст. Па оттаму, ако средината средовечноста ја смета за клетва и само за праг кон староста и смртта, тогаш ние самите ќе си се прогласиме за „готови“. Но во Франција, вели Друкерман жените во нивните 50-ти и 60-ти се сексуално дури и поактивни од повеќето помлади жени во Америка. Тоа значи дека иако биолошкиот часовник за сите отчукува подеднакво, ако општеството не негува стереотипи и предрасуди кон повозрасните, нивната активност на сите полиња може да биде поттикната и продолжена. Во САД идеалот е да изгледаш колку што можеш помладо, колку што можеш подолго, и ако не успееш во тоа се обвинуваш и се чувствуваш како губитник. А Французите велат - биди најдобрата верзија на возраста на која што си. Ваквата реалистичност некако успокојува.
Претходно: Работите кои ги знаеш кога имаш 40