Работите кои ги знаеш кога имаш 40

Да ја ситниш четвртата деценија е малку зафркнато. Шансите некои работи да се случат по прв пат, или да се повторат, се тенчат. На пазар уште те викаат „девојче“, ама во продавница „госпоѓо“. Виктор Иго ја нарекувал оваа возраст „старост на младоста“, и имал право. Затоа што во неа е содржана и мудроста на искуството, но и желбата уште да се колва од трошките на лудоста.

Памела Друкерман пишува за Њујорк Тајмс, Вашингтон Пост и Мари Клер, живее во Париз и има издадено книга за предностите на францускиот начин на воспитување деца. Во пресрет на нејзиниот 44. роденден, таа го споделува своето животно искуство стекнато низ годините. Во голем дел од него се препознаваме, и сфаќаме дека и не ни е толку лошо. Работата е што деценијата бргу ќе ни прелета, и после ќе треба да најдеме друг текст, кој ќе зборува за тоа колку е фино да имаш педесет.

***

Ако не се секираш многу за тоа што мислат луѓето за тебе можеш истата енергија да ја насочиш кон прибирање неверојатно количество информации за нив. Мислите и мотивите на другите луѓе ти се побитни од празниот муабет.

Осум часа непрекинато спиење без лекарства е едно од големите животни задоволства. Всушност избришете го тоа „без лекарства“.

Нема „возрасни". Ова го насетуваме додека сме помлади, но можеме да го потврдиме дури кога ние сме оние кои пишуваат книги и одат на родителски. Сите се кријат, само некои тоа го прават поубедливо.

Нема „сродни души". Барем не во традиционалната смисла. „Сродна душа" не е нешто што е однапред дадено. Тоа е титула која се заработува. Сродна душа се создава со текот на времето.

Ќе пропуштиш неколку сродни души кои можеле да ти бидат тоа. Ова важи и за пријателствата. Ќе има незаборавни луѓе со кои си минал одлична вечер или неколку денови. Сега тие живеат во Хонг-Конг, и веќе нема никогаш да ги видиш. Тоа е.

Емоционалните сцени се заморни и без поента. Кога имаш 40 тие не се неопходни - ти и твојот партнер веќе си ги знаете сите обредни аргументи, така што можете да ги поминете за една десетина од претходно загубеното време.

Кога ќе сретнеш некого кој е екстремно шармантен, наместо да бидеш восхитен, биди внимателен. Веќе си подобар во тоа да забележуваш „нарциси" пред да ти го уништат животот. Знаеш дека „фин" не е доволен квалитет за пријателство, но тој сепак е неопходен.

Поголемиот дел во врска со тебе е универзално. Мојата ненаучна проценка е дека ние сме 95 проценти толпа, 5 проценти посебни. Да го знаеш ова е малку разочарувачки, но од друга страна овој факт ослободува.

Сепак си го наоѓаш племето. Џери Зајнфилд во едно интервју рече дека најдобриот момент за него на доделувањето на наградите Еми било кога авторите на комедии се качиле на сцена да си ги земат наградите. „Ги гледате овие кретени, сите малку извитоперени, ко гномови. И си викаш Ова сум јас. Ова е мојата група. Во 40-тите веќе не сакаш да бидеш со луѓето кои се кул, сакаш да бидеш со твоите луѓе.

Само речи „не". Никогаш не кани луѓе на кафе ако навистина не сакаш да го пиеш кафето со нив.

Не мора да одлучиш дали постои Бог. Можеби постои, можеби не. Но кога реално се грижиш дали NSA ги чита твоите мејлови подобро е да не знаеш дали те набљудува и некој друг.

Не купувај мал број фармерки очекувајќи дека наскоро ќе ослабеш.

ОК е ако не сакаш џез.

Ако се прашуваш дали му е ќерка или девојка, девојка му е.

Ако не си сигурен дали е маж или жена, жена е.

3 март 2014 - 13:01