Гручо, кој бил постар едно 45 години, го потсетувал Вуди на некој негов вујко, „Еврејски мудрец со саркастична луцидност", додека пак Гручо за Ален сметал дека е „најзначајниот комичарски талент на светот".
Писмово, кое е едно од само двете кои се објавени, било напишано од Гручо во 1967., по голема пауза во нивната преписка, која многу го нервирала Вуди, кој очигледно бил поентузијастичниот за комуникација и допишување со познатото другарче.
22 март 1967.,
Драг ВВ,
Гуди Ејс му рекол на некој мој невработен пријател дека ти си бил разочаран или вознемирен или среќен или пијан што јас не сум ти одговорил на писмото кое си ми го испратил пред неколку години. Секако знаеш дека одговарањето писма не носи пари - освен ако се работи писма за кредитирање од Швајцарија или ако се испратени од мафијата. Ти пишувам безволно, затоа што знам дека ти правиш шест работи одеднаш - од кои пет вклучуваат секс. Не ни знам кога наоѓаш време да пишуваш писма.
Твојата претстава сè уште ќе се дава кога ќе пристигнам во Њујорк првата или втората недела од април. Ова е веројатно ужасно за критичарите кои, ако добро се сеќавам, рекоа дека таа нема да има успех затоа што е премногу смешна. Со оглед на тоа што таа е сè уште на репертоарот, тие мора да се уште поизнервирани. Ова му се случи и на син ми, со неговата претстава, кога соработуваше со Боб Фишер. Поуката е: не пишувај комедија која ја смее публиката.
Проблемот на критиката е дискутиран откако ми направија Бар Мицва пред скоро 100 години. Му го немам кажано ова никому, но добив два подарока кога минав од детство во она што денес замислувам дека е е возрасно доба. Еден мој вујко, кој тогаш беше богат, ми подари пар долги црни чорапи, а една тетка ми подари сребрен часовник. Три дена подоцна часовникот исчезна. Причината е што брат и Чико не беше ни приближно прецизен во играњето билијард. Тој го заложил во продавница на аголот на 89.та и Третата Авенија. Еден ден додека бесцелно талкав во тој крај, го видов како виси во излогот. Да не беа моите иницијали изгравирани на позадината, никогаш немаше да го препознаам, бидејќи сонцето толку го имаше уништено што сега беше црн како јаглен. Чорапите, кои ги носев цела недела без да ги исперам, сега беа со мувлосана зелена боја. Ова беше целата моја награда што опстанав 13 години.
И тоа, накратко, е причината зошто не ти имав пишано некое време. Сè уште ги носам чорапите - тие веќе не се чорапи, туку делови од моите нозе.
Ми пиша дека доаѓаш во фебруари и јас, во налет на возбуда, изнакупив толку добра храна, што да ја чував во кеш наместо во сецкани парчиња тоа ќе беше доволно како мој придонес кон Обединетиот еврејски добротворен фонд за 1967 и 1968.
Мислам дека ќе бидам во хотелот Ст. Риџис во Њујорк. И побогу, те молам веќе да немаш толку многу успех - тоа ме спобудалува. Срдечни поздрави до тебе, и до твојот деминутивен пријател, малиот Дики.
Гручо