Не е прстен туку скара на ќумур: што е со погрешните кинески тетоважи?

Во 2019, прославувајќи го успехот на својот нов хит сингл „7 прстeни“, Аријана Гранде си направи тетоважа на внатрешната дланка. Тоа требаше да бидат канџи - јапонски симболи за изразот. Но набргу се покажа дека тетовирала „мала скара на ќумур“.

Двата карактери на тетоважата на Аријана Гранде која таа ја стави во 2019 за да го одбележи успехот на својот сингл „7 прстени“ одделно навистина значат „седум“ и „прстен“, но напишани заедно означуваат „шичирин“, име на мала скара на јаглен. Откако сликата на дланката беше објавена на Твитер, нејзините јапонски фанови и сеирџиите кренаа џева, после што таа одлучи на тетоважата да додаде симбол на прст, за демек да стане јасно дека не се мисли на скара туку на прстени. Но јапонската синтакса не функционира така, па сега тетоважата гласи „jaпонска скара на ќумур прст“. Музичар под псевдоним Аригато Гранде го рекреира целото видео за „Седум прстени“ со азиски учесници и нови стихови поврзани со печење месо и преносливи скарички.

Историјата на тетовирањето на запад вклучува голем интерес за тетоважи со кинески карактери. Илјадници луѓе одлучуваат на себе трајно да врежат нешто што не го разбираат и притоа ризикуваат да ја направат најглупавата грешка во животот.

Во најновата епизода на подкастот Decoder Ring, посветен на истражување културолошки мистерии, се зборува токму на оваа тема, со луѓе кои, главно во младоста, си истетовирале нешто на кинески, за потоа да сфатат дека нештото не значи (на пример) „бесмртност“ туку „принцеза“. И ова е дури и одлично во споредба со други кои наместо со нешто благородно или со своето име завршиле со „коњ“, „тоалет“ или со целосно неразбирливи знаци.

Интересот за кинеската култура во САД започнал по олабавувањето на рестриктивните имиграциски закони од 1960-тите, кога во Америка навлегле голем број Азијати. На почетокот од 1970-тите Ричард Никсон ја посетил Кина што резултирало со бум на кинеската гастрономија откако Американците ги виделе софрите на приемите кои се пренесувале на телевизија. Популарни станале и кунг-фу филмовите, а технологијата увезена од Јапонија станала знак на престиж. Сето ова делувало егзотично, особено азиските карактери кои почнале да се појавуваат на маици, вградени во компаниски логоа, и во - тетоважи. Во 2000-та година се смета дека дури 40% од сите тетоважи направени во англиските говорни подрачја биле кинески симболи. Но со текот на времето излегло дека огромен број од нив се едноставно неточни, а често и пресмешни.

Кога Бритни Спирс си направила ваква тетоважа, таа требало да значи „мистериозна“, но наместо тоа знакот всушност бил за „чудно“. На ѕидовите на салоните за тетоважи обично стоела англиската азбука а до секоја буква јапонско канџи. Но ваквиот „превод“ буква за буква е едноставно невозможен, па оттаму и тетовираните глупости. Од комерцијална гледна точка овие карактери биле топ - се работеле брзо, врз основа на претходно изработена шеми, кои се печателе на ангро од 1970-тите натаму, во една боја. Оттаму и нивната застапеност и популарност.

Но во целата работа постои парадокс - од една страна странските и неразбирливи симболи се привлечни токму поради нивната мистериозност. Но точно таа нивна одлика е и причината за грешките, кои не се исправаат така лесно со „едит“ на нешто нанесено во кожата. Исто така, масовното тетовирање со кинески карактери може да се случи само во средина во која тие (Кинезите) се малцинство. Во спротивно мистериозноста би исчезнала. Тетоважите се парадоксални и на друг начин - тие се потсетници на нешто што поминало, но се исто така и постојани.

28 јули 2021 - 15:38