Проект: „Идна библиотека“

Напишана и втората книга која ќе се објави по 100 години

Маргарет Атвуд (патем, добитничка на Златниот венец во Струга оваа година) беше првата учесничка во проект, чија идеја е да се соберат 100 специјално напишани дела и истите да се објават по сто години. Неодамна е предаден и втор ракопис. 

Шкотската уметница Кети Патерсон (како што пишувавме тука) на имот близу Осло во 2014 засади 1000 дрвца, кои во следниот век би требало доволно да пораснат за да обезбедат хартијата за сите сто книги. До тогаш секоја година ќе биде биран по еден писател кој ќе остави дело кое нема да смее да се обелоденува до истекот на тој, еден век.

Кога лани Атвуд на мала свеченост во шумата го предаде нејзиниот роман Scribler Moon (Meсечина-пискарало), беше објавено дека следниот одбран е Дејвид Мичел, авторот на романот „Атлас на облаците" (според кој е снимен и истоимениот филм).

Мичел до сега често беше во најтесниот избор за Букер, па кога слушнал за одлуката се пошегувал дека конечно со ова дело нема да му биде гајле што е прескокнат од критичарите, затоа што нема да биде жив кога тие ќе го коментираат. Тој вчера, 31 мај, испешачи до шумата, каде пред група накиснати присутни го предаде ракописот за роман под име „Од мене тече она што го нарекуваш време".

Насловот е инспириран од дело на јапонскиот композитор Тору Такемицу, и тоа е отприлика сè што се знае за книгата. Тој на церемонијата прочитал песна од Вордсворт и изјавил:

„Дава малку надеж, во време на крајно депресивни вести, дека имаме шанса за цивилизација и по сто години. Сè ни кажува дека сме проколнати, но Идната библиотека е еден од кандидатите за можни иднини. Како ветување дека сме поотпорно отколку што мислиме: дека ќе бидеме тука, дека ќе има дрвја, дека ќе има книги, и читатели"

Оние кои се поканети да напишат дело за оваа серија имаат избор тоа да го сторат преку песни, кратки раскази, роман или есеи на кој и да е јазик. Единственото нешто што се бара од нив е да не зборуваат за делото, да не му го покажуваат никому, и да достават една копија на хартија и една на дигитален медиум до организаторите.

Сега ракописот на Мичел ќе биде запечатен и закучен заедно со оној на Атвуд во просторија во новата јавна библиотека во Осло, која ќе се отвори во 2019. Следена од група експерти до нејзиното конечно печатење таа, според неговите зборови, сега е одделена од него „како паричка фрлена в река".

Делото на Такемицу - инспирација за делото. Колку да ја почувствуваме атмосферата, а книгата ќе си ја прочитаме раат по сто години

31 мај 2016 - 12:09