Со Амели Нотомб се запознавме преку нејзиниот роман „Страв и треперење“, базиран на нејзините лични искуства со јапонскиот деловен свет и неговата ригидна хиерархија. Според него во 2003 е снимен и одличен филм (види Букбокс читанка тука).
„Метафизика на цевките или за карактерот на дождот“ е повторно автобиографски роман, и повторно има врска со Јапонија. Но овој пат филмот направен според него (со малку изменет наслов), го отсликува, и буквално и фигуративно, бидејќи се работи за анимиран филм, детството на Нотомб во оваа земја. Некои извори укажуваат на тоа дека таа е и родена во 1967 во Кобе, Јапонија, но други како роден град го наведуваат Етербик во Белгија. Оваа неодреденост како да е намерно промовирана од самата авторка, која во интервјуа има изјавено дека е „метафорично“ Јапонка.
Амели од цртаниот, исто како и вистинската Амели, е девојче од белгиско семејство, чиј татко е дипломат. Од моментот на нејзиното раѓање таа се однесува необично, како да е „билка“. Но иако доцни со првите чекори и зборови, во неа се одвива богат внатрешен живот, кој во еден момент, под влијание на коцка бело белгиско чоколадо, избива како вулкан. Кога почнува да зборува тоа звучи не како говор на едногодишно дете, туку како некоја „стара душа“, која како да има повеќе сетила од обичните луѓе. Правосмукалката во нејзината фантазија се претвора во митолошко суштество, обична стаклена тегла станува призма за набљудување на морски пејзажи.
Но со овој раскошен сензибилитет доаѓа и малку терсене карактер - Амели не делува многу приврзана кон братот и сестрата, а рано ја губи бабата која е единствената што ја разбира нејзината посебна природа. Така, важен дел од нејзиниот свет станува Нишио-сан, жената што се грижи за домот и за децата. Меѓу неа и Амели се создава силна и нежна врска која станува срцето на приказната. Преку нивниот однос филмот ги истражува и убавината и сложеноста на врските меѓу луѓе од различни култури. Во позадина стои и ликот на сопственичката на куќата (антагонистот во приказната), жена обележана од траумите на војната, која не гледа со одобрување на блискоста што се развива меѓу нив.
Една од најголемите вредности на филмот е неговата визуелна поетика. Богатата 2Д анимација создава топол и живописен свет што совршено ја доловува детската восхитеност, но и соочувањето со големите прашања на животот и смртта, без притоа да западне во патетика. Првите три години од животот на Амели се одбрани намерно, бидејќи во јапонската традиција се верува дека токму тогаш детето постепено преминува од светот на божественото во светот на обичните луѓе. Името на ова мало детско божество е „окосама“ или „дете-господар“, точно онака како што се однесува Амели. Филмот, кој беше номиниран за Оскар за 2026, ја буди носталгијата по детството и потсетува колку силно раните искуства и луѓето што ги среќаваме во тие години го обликуваат нашиот идентитет.
Илина, Букбокс