Амели Нотомб е родена во 1966 во Брисел, но како уметник таа постојано тврди дека метафорично се родила во Кобе, Јапонија, во 1967, каде живеела во раното детство. Иако потоа, поради дипломатските ангажмани на својот татко, се селела низ целиот свет (Кина, САД, Бангладеш, Бурма, Лаос, Британија), Јапонија ѝ останала во срцето.
„Страв и треперење“ е нејзин автобиографски роман, прв пат објавен во 1999, во кој таа го опишува своето искуство на враќање во оваа земја, сега веќе како млада деловна жена. Таа е пресреќна што потпишува едногодишен договор како преведувачка од француски во голема компанија, Јумимото, сметајќи дека повторно ќе се поврзе со онаа Јапонија која ја памети од детството.
Но целата романтична идеја паѓа во вода кога Амели, како што се вика и ликот, ќе се соочи со ригидната хиерархија и деловна култура на типичната јапонска фирма. „Господин Ханеда беше шеф на господин Омочи, кој беше шеф на господин Саито, кој беше шеф на госпоѓица Мори, која беше мој шеф. Јас не бев ничиј шеф“, почнува книгата.
Кога со денови не ѝ е дадена никаква продуктивна задача, освен да прави кафе, Амели почнува да презема иницијативи. Каква грешка! Веднаш е обвинета дека се обидува да преземе нечија работа, и пасивно-агресивно казнета со тоа што треба да копира некакви глупави правила за членови на голф-клуб, така за текстот да биде идеално центриран. Единствениот кој верува во нејзините способности, г-дин Тенши, е од друго одделение, кое се занимава со развивање нов метод на производство на путер со ниска масленост, според белгиски рецепт. Кога Амели ќе се покаже многу корисна во оваа работа, и тој и таа завршуваат во канцеларијата на еден од шефовите, кој залегнат во фотељата ги опоменува за нарушување на процедурите со такво дерење што целата зграда се тресе.
Сепак, најголемиот непријател на Амели излегува дека е токму нејзината директна надредена, Мори, која целата „порцеланска“ и прекрасна најпрвин делува пријателски настроена. Но тоа е само додека Амели вари кафиња и молчи. Во моментот кога покажува иницијатива и способност, Мори веднаш ја сосекува, на најладнокрвен „ноу хард филингс“ начин.
Кога нема веќе подолу во хиерархијата каде Амели би можела да падне таа станува - чистачка на тоалетите. Одлучува да издржи, додека не ѝ истече едногодишниот договор, за и таа, по јапонскиот принцип, да не мора да го јаде срамот од тоа да биде отпуштена. Кога договорот завршува, се враќа во Белгија и го објавува својот прв роман, „Хигиената на еден убиец“. Всушност целата оваа епизода го одредува целиот нејзин понатамошен пат.
Книгата, а особено филмот, се преполни со сатирични и пренагласени сцени, кои го одразуваат насловот - во присуство на царот, кој до 1947 се сметал за Бог на земјата, секој поданик морал пред него да демонстрира страв и треперење. Истото она што е приморана да го демонстрира Амели, жена од западот, која не успева да го најде своето место во за неа културолошки суровата средина.
Романот, кога излегол, го добил високото признание Гранд При на француската Академија, а според него е направен и истоимен филм од 2003.
Илина, Букбокс