Можеби се сеќавате на проектот „Библиотека на иднината" (за којашто пишувавме тука), кој подразбираше пишување сто книги кои ќе бидат објавени во 2114, на хартија произведена од дрвја кои растат на фарма во Норвешка, а кои ќе стасаат за сечење токму по сто години. Во светлина на тоа, идејата на Малкович и Родригез да снимат филм чија премиера ќе биде по исто толку време и не е баш оригинална. Сепак, таа е интересна, особено затоа што филмот е нарачан како дел од рекламна каммпања за коњакот Луј 13-ти, ултра-луксузен пијалок произведен во 1915, кој во 2115 ќе биде стар точно еден век.
Производителот на овој начин сака да покаже дека вложува во траен квалитет, и во смисла на уметност, и во смисла на продукт кој станува подобар како што старее.
„Луј 13 е вистински тестамент на мајсторството на времето. Сакавме да направиме провокативно парче уметност кое ќе ја истражува динамичната врска со минатото, сегашноста и иднината", изјавил глобалниот извршен директор на коњакопроизводителот, Лудовик ду Плесис.
Компанијата побарала идеи за делото од Малкович, кого ду Плесис го нарекува најголемиот актер на неговата генерација. Но што е точно приказната на филмот не може да знаеме, затоа што сето тоа е дел од тајноста и илузијата. Обелоденети се само три тизери, кои покажуваат како би можела да изгледа планетава кога некој ќе го открие филмот по 100 години. Но тие не се филмот - тој е безбедно скриен во сеф во вилата на Луј 13 во Коњак, Франција.
Како ќе изгледа кампањата понатаму? Тимот на Луј 13 ќе испрати метални филмски билети на околу 1000 влијателни луѓе и ќе ги замоли да ги поканат нивните потомци на премиерата еден век од сега. Тогаш некој веројатно ќе треба да пронајде стар проектор што ќе го чита денешниот формат, и да кликне „плеј". Останатото е во историјата. Онаа која ќе се случи во иднината.
Еден од тизерите:
Оваа година Малкович имаше уште еден интересен проект - албум на винил под наслов „Како куклено шоу" во соработка со режиесрот и фотограф Сандро и продуцентот и композитор Ерик Александаркис (за што известивме тука). На албумот Малкович ја рецитира Платоновата „Алегорија за пештерата" со амбиентална музика во позадината. Александракис, кој е автор на музиката, потоа им ја дал на различни уметници да си играат со неа, вклучувајќи ги Јоко Оно и Шин Ленон, Крис Стајн од Блонди и Долорес О'Риордан од Кренберис. За разлика од филмот, албумот може да се купи уште од сега.