На почетокот на оваа година во Лондон премиерно беше изведена претстава, со Кејт Бланшет во главна улога, на која луѓе наводно паѓале во несвест. Под наслов „Кога доволно се имаме измачено едни со други“, таа вклучувала еротски играчки, оргии во автомобили и екстремно насилство.
Ваквите претстави денес се прилично ретки, а наместо да одат во театар, оние кои сакаат да се шокираат и да се плашат, се свртуваат кон филмовите. Но дури и кога се потсетуваме на некои такви трендови на шокантен театар (знаат оние кои биле редовни посетители на МОТ, па од трауми и денес бираат седиште малку подалеку од сцената), нив ги поврзуваме со модерниот театар на дваесетиот век. Историјата сепак забележала и порани, храбри примери на театар за оние со појак стомак.
Таков бил Гранд Гињол, отворен во 1897 во стара капела на Пигал, областа на „црвените фенери“, близу Мулен Руж. Почнал токму така, како театар во кој се прикажувале реалистични едночинки за животот на Парижаните. Но една претстава - адаптација на кратка приказна на Ги де Мопасан, за француска проститутка која убива германски офицер, навистина ја запалила публиката.
Сфаќајќи дека „крвта продава“, сопственикот Макс Мори од театарот набргу направил уникатен бренд - дом на гротесктно убедливи хорор приказни, често базирани на тогаш актуелни примери на безочно насилство. Со лукаво исценирани техники кои прикажувале извадени очи како се тркалаат по сцената и крв што шиштела од сите страни, претставите биле практично драматизации на вести од црната хроника, помешани со мелодрама. И ова се покажало како многу поужасно, но и многу попопуларно од традиционалните хорор наративи за духови или чудовишта.
Главни ликови во претставите биле сериски убијци, одметнати лудаци, одмаздници. Публиката знаела дека она што тој ден го пишува во париските весници, набргу можело да се очекува на сцената на Гранд Гињол. Во еден период се случувале напади со сулфурна киселина, па шминкерите од театарот (кои често биле и актери или што и да е друго што било потребно) употребувале некоја рана форма на латекс со која создавале илузија на лице што се топи. Во претставата „Градината на тортурата“ некој бил дури и одран жив - со симнување на долга лента „еластопласт“, некаква гума која од внатрешната страна била обоено црвено. Сите овие биле многу едноставни ефекти, но публиката била хипнотизирана, иако често и се онесвестувала. За последниве во театарот секогаш имало присутен доктор (или барем така гласела рекламата).
За работите да не делуваат ептен мрачно, среде кратките хорор претстави имало пауза со еротски фарси - едночинки. Малку страв, малку секс, па што е потребно повеќе за една одлично помината вечер?
Театарската публика била мешана - локалци-мешетари и уметници, но и буржуи кои патувале од другите делови на градот во потрага по возбуда. Салата имала околу 150 седишта, а имало и посебни ложи со решетки за оние кои сакале да гледаат, но не и да бидат видени.
И драматурзите од тоа време наоѓале предизвик во тоа да пишуваат текстови за Гранд Гињол. Таков бил, на пример, Гастон Леру, авторот на „Фантомот во операта“. Интересен податок е дека за театарот пишувале и Британци, но изгледа не биле толку успешни - Џозеф Конрад на пример се обидел да состави драма која би се играла на таа сцена, но неговата драма била одбиена од театарот.
И ова било кога Гранд Гињол отворил мала експозитура во Лондон во 1920-тите, но таа траела само две години. Британскиот морал немал проблем со хоророт, но секс фарсите им биле „ту мач“. Претставите биле постојано цензурирани до моментот кога театарот бил затворен. Во Франција пак тој опстоил и во текот на Втората светска војна, станувајќи популарен помеѓу окупаторските германски војски.
Иако претставите продолжиле до 1962, војната сепак оставила голем белег - насилството веќе не било толку смешно и возбудливо, со оглед на тоа што многумина во публиката го имале искусено. Но за затворањето бил виновен уште еден фактор, подемот на киното. Кога луѓето почнале да ги искусуваат хорор сцените на големо платно зумирани, потоа и со звучни ефекти и музика, она што можел да им го понуди Гранд Гињол веќе не изгледало толку привлечно.