Една поинаква туристичка фотографија

Најпознатите места на светот сликани од „погрешен" агол

Летово ќе бидат исликани милиони фотографии, ќе бидат снимени исто толку видеа, и сите тие повеќе или помалку ќе личат едни на други, особено оние од најпознатите туристички атракции. Ајфел си е Ајфел колку пати и да го сликаш. Колосеумот си е Колосеум. А можеби и не е?

Фотографот Оливер Кертис ја има обиколено земјината кугла фотографирајќи ги најпознатите архитектонски симболи на различните култури: Ајфеловата, Колосеумот, Стонхенџ...Но на неговите слики тие тешко се препознаваат. Причина: кога некој од овие споменици ќе му влезел во кадар, тој веднаш се вртел на спротивната страна, и ги фотографирал често заборавените и не-толку-убавите пејсажи на спротивната страна.

На овој начин најпознатите места на светот се гледаат во сосема ново светло, а „случајното е ставено пред монументалното". Проектот под наслов Volte-face започнал во 2012 кога Оливер ги посетил пирамидите на Гиза во Каиро, кога случајно се свртил во спротивна насока и сфатил дека погледот е многу поинтересен од оној којшто ќе го има на сите фотографии на туристите присутни со него на местото во моментот.

Кога ќе сфатите каде се сликани фотографиите целата магија како да ја снемува, и „местата со посебна енергија" стануваат сосема обични локации, покрај или зад кои се задскриени необработени и сосема немагични површни, складишта со градежен материјал, ненаводнети тревници, лимени огради, пустелија. Како да сте ѕирнале зад театарска завеса.

(најгоре: Таџ Махал, горе: Колосеумот)

(Мавзолејот на Ленин во Москва)

(Големиот кинески ѕид)

(Холивуд)

Повеќе на сајтот на авторот 

5 јули 2016 - 11:44