Не е претерано да се каже дека во 1942 Леон Хендерсон практично владеел со САД. Иако малкумина се сеќаваат на неговото име, тој бил еден од најмоќните функционери во историјата на земјата, управувајќи со домашната економија.
Кулминацијата на неговите активности се совпаѓа со последиците од Големата депресија, како и настаните од почетокот на Втората светска војна, кога победата на САД врз Јапонија, Германија и Италија не била воопшто предвидлива. Илјадници млади луѓе доброволно се пријавувале во војска, а во понатамошниот тек на војната нивниот број ќе се зголемува. Но истовремено, изгледало дека таа нема да биде добиена само на бојните полиња.
Цивилите биле повикувани исто така да придонесат кон победата, работејќи на фабричките ленти, набљудувајќи го небото за да забележат евентуално непријателско летало и одгледувајќи сопствени овошки и зеленчук во тн. „Градини на победата“. Од сегашна перспектива ова делува како романтична визија на споделена саможртва. Но нештата во реалноста не стоеле баш така - владеел голем страв и сомнеж во можниот крај на демократијата и тотален економски колапс.
Тогашниот претседател Франклин Рузвелт ја нарекол „војна за опстанок“. На помош во остварувањето на таквата економска победа дома, која овозможувала и поголеми шанси за победа на терен, тој го повикал на помош својот економски советник Леон Хендерсон. Една од причините, веројатно и најважна, е што на Леон ама ич не му било важно дали американската јавност ќе го сака. Во медиумите настапувал со дрски но отрезнувачки изјави, чија цел била Американците барем за краток период да се откажат од удобствата на нивниот живот, да штедат и да работат во општа полза. „Можеби на сите Американци оваа зима ќе им биде постудено, но како резултат на тоа, ќе му биде потешко и на Хитлер“, велел тој. „Победата не е евтина, никој не рече дека ќе биде така. Таа не се постигнува седејќи и надевајќи се дека некој друг ќе ја направи жртвата за тоа да не мора да го сторите вие“.
Ова е дури и прилично пристојно за човек кој постојано влегувал во вербални и физички дуели, обилно пцуел и често пати плукал низ прозорец. Пред да се приклучи на тимот на Рузвелт завршил економија и кратко време предавал но немал нерви да се расправа со студентите. Едноставно, се нашол во вистинско време на вистинско место, за да спроведе нешто што изгледало како луда програма според која САД во текот на фискалната 1942 требало да потроши 36 тогашни милијарди долари. За споредба, во средината на 1930-тите федералниот буџет изнесувал 8 милијарди долари.
Активирањето на воената машинерија значело и активирање на инфлацијата. Производителите требало да се свртат кон произведување тенкови наместо автомобили, се укинал увозот на шеќер и кафе. Но проблемот бил што Американците не сакале да се откажат од ниту еден од овие и други производи. Големата побарувачка а малата понуда значело дека цените нагло ќе се зголемат а купувачката моќ ќе се намали.
Ова не било само теоретско стравување. Во текот на Првата светска војна цените на храната и облеката во САД се зголемиле повеќе од двојно. Изгледало дека овој пат ќе биде и полошо. Сето ова можел да го реши само еден човек - Хендерсон.
Тој по убедување бил либерал-демократ, но себеси се гледал како мрачен пророк, чија мисија била да го подготви својот народ за најлошото. Прво што сторил е да ги зголеми даноците, особено за богатите - максималниот данок на приход достигнал и до 88%. Повеќето Американци всушност и прв пат требало воопшто да платат федерален данок. Ова не било лесно да се продаде. Имало обиди за медиумска кампања во која бил ангажиран дури и - Пајо Паторот.
Kога и ова се покажало како недоволно, Хендерсон добил „амин“ да ги контролира цените на сите производи во САД, односно да ги држи на ниско ниво. Ако тој речел дека најдобриот Шевролет ќе чини 815 долари, тогаш тоа било така. Се замрзнале и кириите, но немало ни покачувања на платите. Имало дури и владин Комитет за бисквити и переци во рамки на телата одговорни за цените на пекарските производи.
Хендерсон во сето ова бил и главниот портпарол на таа бирократија. Неговата слика била насекаде и луѓето својата економска мака ја поистоветувале со него. Од друга страна, биле свесни дека тој прави нешто што никој друг не би можел - ја зауздувал економската пропаст која се заканувала. Со цигарчето во уста, тој според списанието Лајф изгледал како самошто доживеал сообраќајка - со исфлекана облека, знаел да јаде месо во ресторан со раце во присуство на половина државен врв. Додека бил професор турнал по скали некој студент кој се жалел на лоша оценка. Не му било проблем секој вторник да разговара со граѓаните преку радио пренос во живо, при што знаеле да пристигнат и по 100 милиони прашања. Никогаш не им се умилкувал туку го кажувал точно она што го мислел.
Кога на индустријата ѝ снемало гума, поради тоа што Јапонија почнала да го контролира синџирот на снабдување со неа од југоисточна Азија, тој организирал собирачка акција - секој да донесе што има од автомобилиски гуми, црева, гумени чевли, ракавици од подруми и гаражи ако сака да има производство на нови душеци, гуми за бришење или ластичиња. Ограничил колку автомобилски гуми можат да се купат во месецот, што индиректно требало да ја намали и потрошувачката на бензин и воопшто возењето. Секој добил парче хартија кое покажувало колку бензин или нафта може да купи во месецот. Нив ги дистрибуирале 8000 локални бироа за рационализација на потрошувачката, огромна бирократска машинерија. Ова дополнително ги лутело Американците, кои сметале дека истите пари што се даваат за овие работни места можат да се искористат за полагоден живот. Се појавиле „негирачи на рационализацијата“, а Хендерсон почнал да биде портретиран како марксист. Не помогнало многу ни кога тој лично почнал да кружи со точак низ Вашингтон за да покаже дека и така се може, при што неговата асистентка била сместена во предната кошница мафтајќи со разголените нозе. Почнал да цути црниот пазар, на кој можело да се купи сè, па дури и купони.
Но капката што ја прелеала чашата било што за сето ова време додека зборувал за жртви, даноци и конфискација, Хендерсон самиот си уживал. Излегле фотографии од негов одмор во Мајами, каде се релаксирал губејќи пари на рулет. Станал идеален жртвен јарец на Демократите, кои очигледно му извршиле притисок самиот да си даде оставка.
Резултатот од неговите активности станале видливи дури подоцна. Годишната стапка на инфлација почнала да опаѓа од 13, на 11 па на 9%. Во 1944, кога се трошело повеќе од кога и да е, инфлацијата била нешто над 1.6%. Целата приказна покажала дека ова е можно, но и дека Американците не сакаат така лесно да се откажат од своите права и слободи, кои не се однесувале само на победата врз непријателот, туку и на тоа да можеш да си го наполниш резервоарот секогаш кога сакаш.