Познат е како најчесто враќаниот албум во продавниците за плочи, „кариерно самоубиство“ на неговиот автор или музичка шега. „Метал машин мјузик“ од 1975 на Лу Рид како солист бил прв „нојз“ албум издаден за голема дискографска куќа на сите времиња. Но да се нарече она што е на него „врева“ е премалку. Описите варираат од „неслушливо“, „какофонија“, „смрт за уши“, но и „ултимативен концептуален панк албум“.
Една верзија за неговото настанување е дека Рид после четвртиот албум за RCA Records со договор бил обврзан да направи петти, иако тоа во моментот не му се правело. Истовремено, тој веќе бил уморен од свирење само на хитовите, откако песните на тогаш веќе непостоечкиот Велвет андерграунд и неговиот соло албум Трансформер почнале да добиваат на популарност. Оттаму и ова дело, кое може да се опише и како сатира и како јасен став кон комерцијалните аспекти на рок музиката. Иако албумот иницијално бил продаден во 100.000 копии, голем број од нив биле вратени, па RCA го повлекла албумот од рафтовите.
Сепак, Рид подоцна велел дека е горд на албумот. Тој според него не бил само обична, хаотична врева, туку продолжување на концепт кој го создавале со неговиот соработник од Велвет андерграунд, Џон Кејл. И покрај почетните негативни реакции, како на пример рецензијата која тогаш излегла во Ролинг Стоун каде тој е наречен „мазохистички бодеж со нож во сопственото тело“, децении подоцна албумот влијаел врз бендови како Соник Јут па дури и врз Нил Јанг. Јазик на вонземјани од Ѕвездени стази, познат како „брин“ бил инспириран од „дроновскиот“ звук на Метал Машин мјузик. А самиот Рид формирал трио за да може да ја изведува музиката во живо, во кое гостувале и Џон Зорн и сопругата Лори Андерсон.
Извадок од минута и пол, кој веројатно ќе го прекинете за многу пократко: