На 18 март 1990, мала и убава градба во Бостон, Музејот на Изабела Стујард Гарднер, била ограбена. Двајца мажи преправени во полицајци влегле во зградата, ги врзале чуварите и ги поминале следните 81 минута (многу долго време како за кражба) отстранувајќи со нож славни уметнички дела од нивните рамки, и напуштајќи го објектот со тутурутки во рака.
Во тоа време нивната жетва, која вклучувала оргинални дела од Вермер, Мане и Рембрант - била проценета на 500 милиони долари, со што грабежот е најголемиот во историјата на уметнички дела. До денес, и покрај истрагата, споредните апсења, убиства кои можеби имаат некаква врска со сликите и голема награда која од 1 милион долари во меѓувреме порасна на 10 милиони, мистеријата не е разрешена. Не е ни чудо што Нетфликс од неа направи нова мини-документарна серија. Форматот е „веќе видено“, малку архивски материјали, малку луѓе што зборуваат во камера, малку дронови. Но најголемиот проблем е што човек однапред некако знае дека нема да ја доживее потребната катарза, односно дека и по четирите часа повторно ќе биде на почетокот, не знаејќи зошто сценаристите мораа да го извозат толку далеку за да го кажат она што и онака го знаеме - дека ништо не се знае.
Како и да е, серијата содржи неколку интересни линии кои можеби и немаат никаква врска со главниот настан, но се историски релевантни за врската помеѓу уметноста и криминалот (италијанската и ирската мафија), начинот на кои славните и вредни уметнички дела се користат за намалување затворски кази и како „џокери“ за трампа со властите, и за одредување на хиерархијата внатре криминалните кругови. Еден навидум наивен портрет на Мане по име „Кај Тортони“ така може да биде поврзан со бивши затвореници, ситни измамници, крупни убијци и обезглавено тело во нечиј автомобил оставен под автопат.
Но најинтересната приказна во сето ова е - како воопшто се нашле толку вредни дела во збирка со за нас непознато женско име?
Родена во 1840, Изабела Стујарт потекнувала од богато њујоршко семејство. Се омажила за исто така „нафатиран“ човек по име Џек Гарднер, во тоа време „најпосакуваниот ерген во Бостон“. Живеела лежерен живот до 27-годишна возраст, кога серија настани ја фрлиле во длабока депресија. Нејзиниот 2-годишен син починал од пневмонија, а набргу потоа доживеала спонтан абортус. Докторите ѝ советувале веќе да нема деца.
За да ја расположи, Џек одлучил да ја однесе на патување во Европа и Русија. Ова навистина дало резултат - Изабела почнала да се интересира за собирање уметнички дела, се запознала и се дружела со куп значајни автори, како и со Бернард Беренсон, историчар на уметност од Харвард, кој станал нејзиниот главен советник.
Во Бостон ја знаеле како ексцентрична кралица на високото општество, постојано со цигара и пиво в рака, која возела како луда и сакала да игра „дама“. Била и спонзор на повеќе уметнички институции, меѓу кои и на Бостонскиот симфониски оркестар. Се облекувала исто онака како што се однесувала, а една од нејзините измислици било ставањето големи дијаманти на лента за коса, „за да може да ги носи како антена на пеперутка“. Ова го направила откако други богати жени сугерирале дека накитот треба да го чува во сеф. Според нејзиниот биограф, таа била и страсен спортски фан, па на концерт на филхармонијата еднаш се појавила со лента на главата на која пишувало „Ред Сокс“ (бејзбол тим од Бостон).
Сепак, кулминација на нејзиниот егзибиционизам било кога во 1897 прошетала водејќи на каивче лав без заби по име Рекс низ зоолошката градина во Бостон.
Isabella once said, “Don’t spoil a good story by telling the truth.” Well, according to a Boston Globe article from 1897, Isabella once walked a lion through a zoo on Boylston Street! And that’s the truth. #TBT
— Gardner Museum (@gardnermuseum) February 7, 2019
"Mrs. Jack's latest lion." Boston Globe, 31 January 1897 (detail). pic.twitter.com/rwjKK01NTi
И покрај сета откаченост, таа многу добро знаела што е вредно и убаво. Меѓу нејзините проекти е и објектот кој денес го носи нејзиното име, а претставува венецијанска палата од 15 век, која била деконструирана и целосно пренесена во Бостон за да биде дом на нејзината уметничка збирка. По смртта на татко ѝ наследила денешни 50 милиони долари, со кои таа продолжила да купува уметнички дела, меѓу кои „Силувањето на Европа“ од Тицијан. Пред пуштањето на галеријата во употреба, за да ја тестира акустиката а притоа да не открие ништо на јавноста, таа повикала деца од училиште за слепи како први посетители.
Во 1924 починала на возраст од 84 години и ја оставила својата збирка за „образование и уживање на јавноста, засекогаш“, барајќи ништо да не се промени, додаде или помести. Нешто што извршителите на најголемата кражба на уметнички дела на светот не го испочитувале.