Исланд е навистина интересна земја. Ај што вчера го изиграа веројатно најнапнатиот меч на Олимпијадата и во историјата на ракометниот спорт, ај што ја имаат Бјорк и гејзерите, туку тие да ми ти имале и Фалолошки музеј, во кои се чуваат излиени модели на пенисите на споменатите спортисти.
Пред четири години ракометниот тим на Исланд го освои среброто на Олимписките игри во Пекинг - 40,000 луѓе се собрале на улиците на Рејкјавик да ги поздрават играчите при нивното враќање дома, 85% од населението од 320,000 луѓе го гледале финалето на телевизија, а една студија на локалниот водовод покажала дека во решавачките мигови речиси никој во земјата не пошол во клозет.
Играчите станале славни преку ноќ, а тимот влегол и во музеј. Добро, не баш сите делови од телата на играчите. Скулптурата која ја претставува националната спортска гордост на оваа земја се состои од (ако добро избројав) 15 сребрени модели на пенисите на спортистите и членовите на тимот. Уметничката која го изработила „делото", Торгердур Сигурдартотир, изјавила - пази сега ова - дека тоа е подарок за нејзиниот татко, основачот на музејот на пениси, кој се гордее со тоа што е сопственик на „единствениот музеј во светот кој содржи збирка на фалички примероци кои им припаѓаат на различни типови цицачи кои можат да се најдат во една земја". Според нејзините зборови, скулптурите не ги изработила врз основа на реални модели, туку ОД ИСКУСТВО. Притоа не се мисли на искуство во ракомет.
Посетителите на музејот сепак се обидуваат да погодат кој пенис оди со кој играч. „Тоа е дел од забавата", изјавил братот, чија одлука да го преземе музејот од таткото кој е веќе во години го прави единствен во светот со вакво наследство.
Освен споменатите ракометни пениси, збирката вклучува повеќе од 280 фалуси на цицачи, од оние на глувчиња, до китови. Има и еден реален, човечки, на Пал Арасон, 95 годишен локалец, кој пред да умре во 2011 великодушно му го завештал пенисот на музејот. Потрагата по хуман донатор е опишана и во филм - документарецот „Последниот член“, чија премиера била во мај 2012.
„Никогаш не сум видела толку многу пениси, а живеев во интернат", напишала посетителка од Нов Зеланд. „Тие се поголеми од оние во САД", рекол неој од Висконсин. „Има ли музеј на вагини?", поставил логично прашање трет.
Ќе ја завршиме оваа совршена приказна со следново: ќути што нашите кошаркари не се пласираа на Олимпијадата. А да освоеа бронза?