„Винарска револуција: најдобрите органски, биодинамички и природни вина на светот“ од Џејн Ансон
Авторка на книгата, како и на популарниот подкаст „Вино за нормални луѓе“ (во просек 50.000 симнувања по епизода), живее - каде ако не - во Бордо, Франција. Во книгата опишува, низ јазик кој е истовремено и терминолошки релевантен, но и сензуален и поетски, 250 вкусови ноти на рачно правени вина од секое ќоше на планетата. Голем број комерцијално успешни производители во последно време преминуваат на вакви органски практики. Книгата ги следи фазите на производство и објаснува зошто ваквите вина се различни од останатите, истовремено запознавајќи нè со различните професии вклучени во процесот.
„Гасејќи ја жедта: духот на вискито“ од Рејчел МекКормак
Книга посветена на шкотскиот национален пијалок стар над пет века, кој има огромна улога во животот и културата на оваа земја. Сепак, тој ретко е користен при подготовка на храна. А ограничувањето на виски на пиење, смета авторката, е слично на конзервативниот став кон сексот, според кој тој треба да се одвива само со згаснати светла и во мисионерска поза. МекКормак верува дека постои цела Камасутра на вискито, и тоа се обидува да го покаже преку мешавина на анегдоти, историја и рецепти во кои вискито не е само за арома, туку важен елемент во „карактерот“ на храната.
„Жестоки алкохоли и високо општество“ од Рут Бал
Бал е основач на компанија која изработува луксузни алкохоли. Во оваа книга нејзин интерес се јавните простори каде историски се конзумирале какви и да е пијачки: крчмите и ановите, продавниците за џин и пиварите, но и чајџилниците и кафаните, кои знаеле да се претворат во центри на политички отпор додека во нив се сркало од кригли, шољи, чаши. Книгата е објавена од Британската библиотека, која најпрвин ја контактирала Бал за оваа да изработи алкохол кој би асоцирал на мирисот на стари книги. Таа го постигнала ова преку мешавина на благо мувлосан лимон и ванила. Библиотеката пак ѝ излегла во пресрет обезбедувајќи ги прекрасните илустрации за оваа книга.
„Кратка историја на пијанчењето“ од Марк Форсит
До сега сме се изначителе „кратки истории“ на сенешто: глобализација, феминизам, вистина, прогрес, христијанство, медицина. Но ова е веројатно првата посветена на пијанчењето, а напишана во хумористичен стил, нешто како говорите кои обично ги прават кумот и роднините на свадби во американските романтични комедии. Авторот прави тура низ неколку различни култури во историјата - древен Египет, Рим, мрачниот среден европски век и дивиот Запад, анализирајќи ги нивните пијачки навики. Но приказните за овие култури се индикативни и за општата љубовна врска со алкохолот на човештвото воопшто. Зошто пиеме? Што сè пиеме? Колку? Притоа некои митови се потврдуваат, а други се деконструираат - на пример тоа дека баровите на дивиот Запад не изгледале баш така како во холивудските филмови.