Во деновите пред анестезија, хирурзите морале да бидат креативни во своите операции, во обид да спасат животи, а притоа да ја минимизираат болката на пациентот. Еден од најефикасните начини бил операцијата да се изведе колку што е можно побргу, на пример под пет минути.
Добрата страна била што краткоста на операцијата подразбирала помало крварење и помалку чувствување болка. Но логично е дека ако нешто се изведува (пре)брзо тогаш и шансите за грешка се зголемуваат.
Еден од хирурзите чиј прекар можел да биде Спиди, се викал доктор Роберт Листон. Бил роден во 1794 во Еклесмахан, Шкотска. Студирал медицина на Универзитетот во Единбург, а набргу станал познат како вешт хирург. Всушност, неговиот прекар бил „најбрзиот нож во Вест Енд“ (медицинска верзија на вестерн лик), а оваа своја вештина особено ја практикувал при ампутации. Додека неговите колеги во тоа време губеле еден од четворица пациенти, поради својата брзина и вештина, Листон губел еден на десет. За ампутација на нога му биле потребни две и пол минути, а некогаш и само 28 секунди.
„Мерете ми го времето, господа“, изговарал секогаш пред операција. И навистина, присутните ги ваделе часовниците и гледале во нив.
Сепак, една операција останала запамтена по својот необичен исход.
Листон изведувал ампутација на нога на пациент кој лежел на хируршката маса. Како што го спуштал скалпелот, бил толку фокусиран на брзината, што заедно со ногата на пациентот му ги исекол прстите на асистентот. Како што го враќал ножот наназад, исекол дел од палтото на еден од набљудувачите, и овој се онесвестил.
Пациентот и асистентот починале поради инфекција на раните, а подоцна е откриено дека онесвестениот починал од страв. Овие три смртни случаи ја прават операцијата на Листон единствената во забележаната историја со 300% смртност.
И ова не е единствен трагичен гаф на Листон. Кога ампутирал нога на некој пациент за две и пол минути, во интерес на брзината се занел, па му ги исекол и тестисите на сиротиот човек.
Години подоцна, кога била откриена анестезијата, Листон станал првиот хирург кој оперирал користејќи ја, и неговите операции биле успешни. И покрај сите грешки, Листон останал ценет хирург, По неговата смрт колегите поставиле мермерна статуа во негова чест и вовеле награда за студенти по медицина која го носи неговото име.