Техеранската конференција, одржана во ноември 1943, требало да ги собере на едно место најзначајните луѓе во тогаш актуелната борба против нацистичка Германија - Рузвелт, Сталин и Черчил. Таму, во Иран, тие требало да ја договорат конечната воена стратегија, а главната дискусија се фокусирала на отворање втор фронт во Западна Европа.
Патувањето на Рузвелт било организирано во голема тајност, со оглед на далечината на крајната дестинација и долгиот пат кој можел да подразбира различни изненадувања. Првиот дел бил преку море, и тоа не со подморница туку со воениот брод УСС Ајова, кој го транспортирал Рузвелт до Казабланка во Мароко. Воените бродови, дури и денес, имаат само тушеви. Но со оглед на тоа што Рузвелт бил врзан за инвалидска количка, на бродот била инсталирана када, која стои таму и денес.
Но и покрај сиот овој „луксуз“, бродот имал проблеми уште при тргнувањето. Сидрата не се вовлекле по пропис во надворешните жлебови и му ја оштетиле „каросеријата“, но ова поради високиот степен на тајност ниту смеело некаде да се пријави, ниту пак имало време да се поправа.
Она што следело било уште посериозно. Можеби затоа што му било здодевно, или за да ѝ направи чест на посадата, Рузвелт замолил да му покажат што сè може еден воен брод, бидејќи никогаш претходно немал прилика подолго да престојува на еден од нив. Започнала воена вежба со испуштање балони кои биле користени како мети, на кои војниците на Ајова пукале за да ги прикажат своите вештини. Во придружба на овој брод имало и други, помали, меѓу кои еден наречен Портер. Неговата посада, пак, требало да симулира вежба со торпеда, кои воопшто не требало да бидат испалени. Но едно од нив го сторило токму тоа и торпедото тргнало, ни помалку ни повеќе, туку точно кон „Ајова“ и претседателот. Бидејќи радио комуникација не била дозволена, во паника морнарите почнале да сигнализираат со огледалца за бродот да сврти, но кога сфатиле дека ситуацијата е пресериозна сепак алармирале преку радио.
Во меѓувреме, Рузвелт, дознавајќи дека кон него доаѓа торпедо, замолил неговата инвалидска количка да биде ставена на палубата, за ако веќе се гине, да може да види како торпедото наближува. За среќа, радио пораката стигнала во вистински момент, бродот нагло свртел на десно, а торпедото паднало и експлодирало источно од него.
„Ајова“ не бил оштетен, но целата работа покренала сомнеж во некаков заговор. На крај се утврдило дека грешката е сепак на посадата - сите тие, заедно со капетанот биле упасени, што бил прв ваков случај во американската морнаричка историја. Целиот случај го добил името „Аферата Ајова“. Офицерите биле прекомандувани на брегот, а одговорниот за испалувањето на торпедата бил најпрвин осуден на тешка работа, но по интервенцијата на Рузвелт бил ослободен од истото.
До крајот на војната посадата на Портер морала да трпи сеир од другите бродови, кои кога ќе го сретнеле им сигнализирале со светкање: „Не пукајте! Ние сме Републиканци“.