По завршувањето на Втората светска војна во разрушената Германија почнала да кружи масовна параноја од натприродни појави. Месијански настроени исцелители постигнувале неверојатна слава, молитвени групи изведувале егзорцизми и огромни толпи патувале за да посведочат чудесни појави. На ниво на села и помали населби, луѓето си ги обвинувале соседите за вештерство, а самите можеле да завршат на суд за црна магија, па дури и за убиства. Она што ги поврзувало овие настани била широко распространетата преокупација со злото.
Авторката на спомнатата книга ова го толкува психоаналитички - фокусирањето на гревот и вината, исцелувањето и прочистувањето според неа било начин да се излезе на крај со нештата кои не можеле да бидат јавно дискутирани: врските со претходниот режим, учеството во антисемитските прогони, геноцидот и воените злосторства.
Во роман од тој период под наслов „Фердинанд, човекот со нежно срце“ од 1950 на авторката Ирмгард Којн, чии дела биле забранувани од нацистите, ликовите се однесуваат токму така - не кажувајќи ништо за минатите злосторства, тие всушност кажуваат сè. Еден од ликовите, хер Либезал, црта хороскопи, чита судбина од дланка, верува во моќта на кристалите и продава амајлии.
Се спомнува и извесен „чудотворец“, кој е всушност реален лик. Се викал Бруно Гренинг (1906-59), имал впечатлива коса, како лавовска грива, и привлекол огромен број следбеници откако наводно излекувал дете кое не можело да оди. Кога гостувал во некој град илјадници се собирале на плоштадите и по улиците, како во Розенхајм каде настапил пред 30.000 луѓе. Неговата теорија била дека здравјето е природна состојба на сите нешта, а дека неговото отсуство е резултат на слаба божествена животна сила наречена heilstrom или „исцелителен извор“. За човек да се поврзе и да ја прими оваа енергија, Гренинг подучувал техника наречена einstellen (штимање, нагодување), некој вид полнење на батерии, што подразбирало не само физички вежби туку и себичност - фокусирање на себеси и своите потреби.
Во реалноста, можеби како примена на ова последново, Гренинг бил страствен пушач на американските Честерфилд цигари, по цел ден пиел кафе, при крајот на животот бил и алкохоличар, а средбите со народот го користел и да малтретира жени.
Низ овој и низ бројни други примери во книгата, Блек ги спротивставува двете нарации - на новата демократија која инсистира на изградба и кревање на нозе по тешкиот пораз, и друга која се мачи да излезе на крај со сопствените длабоки трауми кои не се состојат само од физичка обнова. Особено бил силен проблемот на недовербата помеѓу самите Германци, како и нивното чувство дека Господ некако ја казнува земјата. Ова би можело да се сфати како начин за одбегнување на личната одговорност, но и како автентичен израз на вина. Божествениот гнев може да биде следен од божествено проштевање, со што се нуди излез кој е повеќе духовен отколку материјален. Оваа малку поинаква историја на она што следело по Втората светска војна во Германија зборува за длабоката морална вознемиреност и цената на закопувањето на ужасното наследство.