Во ноември минатата година Гугл објави онлајн игра наречена Quick, Draw! во која корисниците имаат 20 секунди да нацртаат различни фигури, на пример камила или машина за перење. Иако ова е забавно, вистинската цел на играта беше да ги употреби овие скици за да ги научи алгоритмите на „човечко“ цртање. До мај оваа година таа имаше собрано 50 милиони поединечни цртежи.
Од списанието Quartz ја искористиле јавната дата-база на играта за да споредат како луѓето од различни делови од светот ги цртаат основите форми. Анализата покажала дека начинот на којшто се црта најобичен круг е поврзан со географијата и воспитувањето во рамки на одредена култура, односно со писменоста.
Од древните Грци, преку исламската уметност, зен и тибетанскиот будизам, круговите се универзална форма. Без оглед каде се почнува со цртањето, во суштина постојат само два начини да се нацрта круг, еден потег кој оди во правец на сказалките на часовникот, или друг, обратно од нивното движење. Базата на податоци на Гугл содржи 119.000 поединечни кругови нацртани од луѓе од 148 земји, и вклучува координати за патот кој го трасира секој од играчите со прстот или со маусот. Со примена на прилично едноставна геометрија на податоци од 66 земји, и на бројка од над 100 кругови, идентификувани се преферираните насоки за цртање круг на различни народи.
Американците, на пример, имаат тенденција да цртаат кругови спротивно од движењето на часовникот. Од речиси 50.000 кругови нацртани во САД, 86% се нацртани на ваков начин. Јапонците, пак, цртаат во обратна насока. Од 800 кругови нацртани во Јапонија, 80% оделе во правец на сказалките на часовникот.
Британските, чешките, австралиските и финските кругови се нацртани во иста насока како и американските. Некои земји се уште подоследни - околу 90% од француските, германските и филипинските цртачи на кругови ги цртаат спротивно од часовникот. Во Виетнам, дури 95% од круговите биле нацртани на ваков начин. И изгледа дека поголемиот дел од светот црта вака, со исклучок (барем што се однесува до спомнатата база на податоци) на Тајван и Јапонија.
На што би можела да се должи ваквата разлика? Секако, најпрвин на јазикот, односно начинот на пишување. И јапонските и кинеските (идеограмски) писма следат строг ред на потези. Генерално знаците се цртаат од горе лево, во насока на долу десно. Истовремено, доколку се работи за хоризонтална а потоа за вертикална линија (како на пример кај бројот 7) тогаш овие две линии се сметаат како еден потез, и треба да се повлечат без запирање. Така, раката може да има поприродна тенденција да се движи во насока на стрелките на часовникот. Иако не постојат вакви податоци за Кина заради забраната на Гугл во оваа земја, во претходна студија од 1985 било покажано дека 72% од 151 учесник во истражување ги цртале круговите во правец на часовникот.
Арапскиот содржи голем број „закривувања“, и заедно со хебрејскиот се чита и пишува од десно кон лево. И во арапскиот закривувањата имаат тенденција да одат во правец на часовникот, следејќи ја насоката на раката, и врзувајќи ја секоја буква за следната.
Но што е со останатите 50 и кусур земји кои ги цртаат круговите спротивно од сказалките на часовникот? Речиси сите користат латиница, која се чита од лево на десно и не е особено кружна. Можеби пишувањето на с и g спротивно од сказалките е „виновно“ за таквите кругови? Уште едно потенцијално објаснување лежи во доминантната рака. Веројатно деснаците природно одат на спротивно-сказалесто, освен ако нивните писма не ги учат на нешто поинакво. За жал податоците од Гугл не содржат податок за раката со која се цртани круговите.
Во некои земји правилата за пишување се толку строги што тие се всадуваат од мали нозе и стануваат механички. Во 1958 јапонското Министерство за образование издало правила за редослед на потези, за да создаде конзистентен систем. Но ова е и прашање на естетика и култура - оние кои пишуваат со погрешен редослед на потези во Јапонија се сметаат за необразовани.
Има безброј начини на кои суптилно и несвесно ги носиме нашите култури со себе: начинот на којшто пишуваме, броењето на прсти, имитирањето на звуци (ономатопеите). За жал оние кои се однесуваат на врската помеѓу пишувањето и цртањето форми сè потешко се документираат, затоа што со куцањето забораваме да пишуваме на рака. Можеби наскоро психолозите ќе се занимаваат со културните разлики кои се формирани врз основа на различни тастатури?
Види и: Ономатопеи на различни јазици