Џејмс Чепмен е 25-годишен студент по физика кој работи на Универзитетот Манчестер, истражувајќи го графенот, најтенкиот материјал во цела вселена. Неговата страст се уметноста и графичкиот дизајн, а освен тоа свири укулеле, и сака мачки.
Има две работи заради кои треба да го запознаете. Првата е неговиот блог на кој објавува споредбени ономатопеи и извици од различни јазици. Звуци на бакнување, ветер, капење од чешма, зевање, кршење, дури и прдење, изрази на изненадување и врескање, сите тие се фино илустрирани со примери од англиски, естонски, арапски, хебрејски и други светски јазици. Пред неколку дена Ештон Качер го поддржа „проектот" на Чепмен, по што бројот на неговите фанови нагло порасна. Еве некои од најдобрите илустрации:
Втора работа е неговиот Јутјуб канал на кој има 1,8 милиони прегледи на видеа кои главно се однесуваат на филмски теми. Едно од нив е компилација од различни филмски сцени во кои главните ликови ја изговараат репликата „Во светот има два вида луѓе". Или според предложената категоризација на еден од нив - ваш тип на луѓе, и кретени.