На врв на игла: еротски микрофотографии од 19 век

Во 1853, Џон Бенџамин Денсер постигнал нешто што до тогаш изгледало невозможно, смалил фотографија до големина на врв на наострен молив. Ова влијаело на развој на фотографии во две (барем навидум) не многу поврзани области - еротика и воена комуникација.

Раните фотографии познати како дагеротипии биле со стандардни големини, од најголемата „цела плоча“ (16.5 х 21.6 см), до најмалата, тн. „шеснаесетинка“ (околу 3.6 х 4.1 см). Но еден фотограф од Ливерпул успеал да ја намали дагеротипската фотографија, користејќи леќа од микроскоп, на неверојатни три милиметри!

Џон Бенџамин Денсер, како што му било името, во 1839 година отпатувал во Лондон за да го види во живо тогаш новиот процес на Луј Дагер. Работел како производител на оптички инструменти (очила, микроскопи) и по враќањето започнал да продава и дагеротипни камери.

Микрофотографијата (фотографирање на предмети со нормална големина во минијатурен формат) го достигнала својот врв со процесот на влажен колодиум, а Денсер ги предводел овие експерименти. Во април 1853 година тој направил стандардна фотографија (10х12.5 см) од нова спомен плоча за пронаоѓачот Вилијам Стурџон. Плочата имала деветнаесет реда текст и вкупно 680 букви. Денсер ја намалил фотографијата на само 1,5 милиметри, што е нешто поголемо од врвот на остар молив. Но, под микроскоп, буквите биле кристално јасни.

За голо око, микрофотографијата била само точка, слика скриена на јавно место, чии тајни се откривале само со зголемување. Предметите на микрофотографиите на Денсер, кој почнал да ги произведува и да ги продава, вклучувале портрети на познати историски фигури и научници, религиозни текстови, слики и знаменитости. Микроскопите биле сè попопуларен предмет во домаќинствата од средината на викторијанската ера - самата кралица Викторија поседувала прстен со микрофотографски портрети од нејзиното семејство, изработени од Денсер, со скапоцен камен како леќа за зголемување. 

Но како и секогаш, имало мрчатори. Томас Сатон, уредник на тогаш популарно фотографско списание, остро ги критикувал микрофотографиите, нарекувајќи ги „од мала или никаква практична корист“ и „нешто тривијално и детинесто“. Сепак, Сатон згрешил. Микрофотографијата станала основа за микрофилмот и се покажала како неизмерно вредна за воена комуникација. 

Сепак, најинтересните и најраспространетите употреби на микрофотографијата била - еротиката. Популарноста на ваквите слики биле овозможени со изум наречен „Станопи“, станоскоп или оптичка бижутерија, изумена од Рене Дагрон во 1857. Даргон ја заобиколил потребата од скапи микроскопи за гледање на малите фотографии со тоа што вградувал микрофотографија на крајче на тн. Станопиева леќа (наречена така бидејќи призмата била измислена од Чарлс, третиот Ерл од Станоп). Дагрон почнал просперитетен бизнис, а во еден момент имал дури 150 вработени!  

Станопите овозможиле вградување микроскопски фотографии во речиси секој предмет: брошеви, сетови за маникир, отворачи за писма, лулиња, прстени, распетија, џебни ножеви, па дури, во еден пријавен случај, куршум. Сликите ги прикажувале типично популарните теми од таа ера – важни знаменитости или портрети на семејства и кралски семејства. Но, микроскопска слика скриена во личен предмет, позната само на нејзиниот сопственик, природно се прилагодила на уште една тема, што тогашните фотографски списанија ја опишувале како „непристојна“, „развратна“ или „недолична“. Некои Станопи, имено, содржеле и мали разголени слики и прикази на секс.

Има документирани случаи на царински заплени на „непристојни“ Станопи, а колекција од околу 2000 такви, начекани од американската поштенска служба во 1924 година, случајно преживеала во Институтот Кинси. Овие слики, датирани од доцниот 19-ти или раниот 20-ти век, прикажуваат голи жени и еротски сцени. Слични Станопи со еротска содржина биле пронајдени и во предмети што ги користеле мажите, како што се џебни ножеви пронајдени во потонат пароброд.

25 јуни 2025 - 16:28