Едно ново истражување направено од нивното Министерство за култура вели дека Тајванците, традиционално познати како големи „љубители на пишаниот збор", почнале да читаат само две книги годишно, што и не е баш за машала - светскиот просек за урбано возрасно население е 2 книги месечно.
Во извештајот на Министерството се вели дека издавачката индустрија во оваа земја е соочена со конкуренција од дигиталните медиуми, ама па и ова не е нешто специфично баш за Тајван, каде луѓето се и онака помалку онлајн во споредба со нивните соседи од Кина, Јапонија и Јужна Кореја, кои иако повеќе дремат на интернет сепак читаат, 4,3, 8,4 и 10,8 книги годишно. Истовремено пазарот на електронски книги во Тајван не цвета, затоа што издавачите се плашат од пиратирање.
Во последните години 70% од книжарите на улицата Чонгкуинг во Тајпеј која е позната токму по нив - затвориле. Библиотеки нормално постојат, но во нив најчесто седат постари луѓе кои превртуваат весници или студенти кои спремаат испити, а ретко служат за позајмување книги за лежерно читање дома. Домашните автори чии прозни дела во 1980-тите биле најчитаните во земјата, сега се заменети од странски бестселери, книги за самопомош и „50 нијанси сиво" - кога луѓето помалку читаат, и писателите помалку пишуваат. Она што е интересно е дека на прво место на еден популарен тајвански сајт за продажба на книги се две популарно-медицински - Бона-фиде медицина од Јанг Дингуи, и Секако дека можете да си го повратите видот, од Накакава Казухиро, која содржи очни вежби за луѓе кои имаат вакви проблеми, а останатото се осум преведени западни романи.
На крајот, можеби и не е баш најјасно зошто побогу Тајванците почнале да читаат толку малку, а уште понејасно е како оваа работа да се поправи. Но можеби нивниот случај е најава на она што наскоро ќе се појави како тренд и на други места. Да имаме на располагање статистика за Македонија ќе споредевме. Вака од Тајванците во нашиот регион сигурно читаат повеќе Хрватите (40% месечно читаат по една книга) и Србите (39% месечно по една книга). Хрватите дури направиле и детална статистика, според која Далматинците читаат повеќе од Загрепчани. Нешто како кога кај нас Охриѓани би биле поначитани од Скопјани. А заедно поначитани од Тајванците, со дури три книги годишно.