Кога во 1930-тите Хитлер почнал да добива на сила, јавната реакција во Британија била нешто помеѓу незаинтересирана, снобовска и блазирана („човекот е молер!“). Во некои кругови имало и тивко задоволство дека еден решителен реформатор ќе ја поведе својата земја напред. Злата на нацистичкиот режим уште тогаш им биле очигледни на оние со познавање на историјата и со социјална свест, но за голем дел од нив било посоодветно да ги игнорираат. Можеби уште полошо, една група истакнати британски личности, со добри намери но со тотално погрешно средства, се обиделе да ги „припитомат“ нацистите, преку здружение наречено Англо-германско пријателство.
Оваа приказна ја раскажува бизнисменот кој станал историчар, Чарлс Спајсер, во својата нова книга „Кафе со Хитлер“. Главни личности во неа се левичарски настроен политички секретар од Велс, конзервативен бизнисмен и собирач на пеперутки образован на Итон и еден славен борец од Првата светска војна. Тројцата биле подобро познати како Дејвид Лојд Џорџ, Ернест Тенант и Војводата од Хамилтон, а она што тие се обиделе да го направат е самостојно да вршат дипломатска дејност. Нивната инфилтрација во високите германски кругови, која можела да послужи за шпионажа, сепак не била еднонасочна улица. Иако повеќето од британските членови на Англо-германското пријателство не биле нацисти, туку германофили, сепак имало и тенка линија помеѓу почитувањето на културните дострели на Германија во областа на литературата и уметноста и контроверзните идеи изразени од поединци внатре друштвото, кои јасно укажувале дека тука има и политички симпатии кон нацизмот.
Организирајќи пријатни вечери и коктел-забави, луѓето како спомнатите Џорџ, Тенант и Хамилтон мислеле дека ќе ги „цивилизираат“ и „просветлат“ нацистите и дека ќе извршат тивко, но одлучувачко влијание врз запирањето на можноста од избувнување на нова светска војна. Само за илустрација, на овие забави биле присутни и Химлер и Рибентроп, кој во меѓувреме станал и германски амбасадор во Британија, не баш лесни противници во оваа игра.
И навистина, едно време изгледало дека Британците и Германците можат да бидат пријатели, особено по стапувањето на тронот на Едвард Осми, човек кого Рибентроп со фалби го опишал како „некој вид англиски национал-социјалист“. Спомнатите членови на друштвото во меѓувреме, на чајанките, банкетите и кафепиењата собирале информации, и им рапортирале и на своите власти, но и директно на Рузвелт, со што се поплочувал патот за американска воена поддршка на Британија во Втората светска војна.
Локациите на ваквите средби биле во најдобрите лондонски хотели, на крунисувањето на Џорџ Шести, на кафе и колачи во планинската куќичка на Хитлер во Баварија, на шампањ-забави на Берлинската олимпијада, на попладневни матинеа за време на Нирнбершките собири на национал-социјалистичката партија. Колку сето ова придонело кон поумерен пристап на нацистите и нивно „цивилизирање“ покажа остатокот од историјата.