Туната-та-та-туна, тунатата-та-та-туна, соло бубњеви во необичен такт, па повторливи пијано акорди, на кои им се придружува блуз мелодија на саксофон. Една од најпрепознатливите мелодии на сите времиња е напишана од Пол Дезмонд, кој во бендот на Дејв Брубек свирел алт саксофон, а нејзиното име произлегува од тоа што станува збор за еден од првите џез стандарди кои не користат 3/4 или 4/4, туку 5/4 такт.
Всушност, целиот албум Time Out на Брубек, кој ја содржи „Тејк Фајв“ е необичен во оваа смисла, бидејќи секоја нумера на него е напишана во различен такт. „Со него прекршив куп правила“, изјавил Брубек во интервју. „Продуцентите ми рекоа дека никој не прави албум само со оригинални мелодии, дека треба да вметнам и стандарди. И дека песните треба да бидат во темпо за луѓето да можат да танцуваат на нив. Па, не можеше да се танцува на повеќето песни од Тајм аут. Исто така не сакав фотографија на насловната. Стануваше збор за привлекување внимание. И тоа профункционира.“
Песната во живо е прв пат изведена во ноќниот клуб Вилиџ Гејт во Њујорк во 1959. Во текот на следните 50 години групата ја снимила многу пати, но најинтересен е начинот на кој ја користеле за да завршат концерти. Во ист стил како што се изведува „Збогувачката“ симфонија на Хајдн (за која претходно пишувавме тука), и Брубек, Дезмонд, Рајт и Морело еден по еден ја напуштале сцената додека песната не згаснела сама од себе. Некои од верзиите вклучуваат и стихови напишани од Брубек и неговата сопруга Лола, како оваа на која пее Кармен МекРеј придружена од квартетот.
Дезмонд до својата смрт во 1977 ги донирал приходите од своите композиции, вклучително и од „Тејк фајв“, на Американскиот црвен крст, кој од тогаш годишно од Дезмонд добива по 100.000 долари годишно.