Берлинскиот Пергамски музеј бил граден дваесет години, од 1910-1930, по наредба на царот Вилхелм Втори. Внесен е во листата на светско културно наследство на УНЕСКО поради својата специфична архитектура (тн. „соголен класицизам“). Во него се чуваат неколку збирки, меѓу кои античката, чиј најславен претставник е Пергамскиот олтар - монументална конструкција изградена во текот на владеењето на древниот грчки крал Еумен Втори на една од терасите на акрополот Пергам во Мала Азија. Од останатите вредни артефакти туку е и портата на Иштар од Вавилон, како и фрагмент од Епот „Гилгамеш“.
Oд октомври музејот ќе ги затвори своите врати поради големо реновирање. Толку големо, што нема да биде достапен за посетители во следните 14 години, до 2037!
Причините за ова се крајно влошените услови кои владеат во зградата, кои се несоодветни за посетители и туристи. Музејот е полн со влага, а технологијата и апаратите во него се застарени. Првичната проценка на експертите била дека реновирањето ќе чини околу 500 милиони евра, но сега изгледа поверојатно дека ќе изнесува најмалку двојно од тоа.
Доколку сè оди по планот, северното крило би можело да биде отворено порано, и на тој начин да биде достапен барем Пергамскиот олтар на Ѕевс, кој е постојано предмет на дебати. Од времето кога Пруското царство го присвоило кон крајот на 19 век со договор потпишан со Отоманската империја, бројни турски политички партии се обидуваат да го вратат назад во анадолските територии. Ваквите напори на турското Министерство за култура и туризам особено се зајакнаа откако Германија ги врати статуите од Бенин украдени од денешна Нигерија во текот на колонијалниот период.