„Офелија“ е една од најпопуларните пред-рафаелитски слики. Предрафаелитското братство била тајна уметничка група основана во Лондон во 1848, која сакала да ја реформира англиската уметност по моделот на италијанското сликарство од раната ренесанса, или пред Рафаел, па оттаму и нивното име. Еден од основачите бил Џон Еверет Миле (John Everett Millais), кој целата поетичност на пристапот на овој правец во сликарството го вградил во својата славна слика, „Офелија“.
На неа е илустрирана смртта на Офелија од Шекспировиот „Хамлет“, кога таа полудува и се дави откако открива дека татко ѝ го убил нејзиниот сакан, Хамлет. Иако нејзината смрт не е експлицитно прикажана во драмата, во четвртиот чин неа детално ја опишува кралицата Гертруда, мајката на Хамлет.
„Каде што расте една врба надвисната
над еден поток
чии сиви лисја се огледуваат во билјурниот брзак.
Таму со несекојдневно венче таа дошла
од чавкини усти, коприви, маргаритки и божурики
долги,
кои слободо-зборните пастири ги крстат со грдо
име,
а чедните моми мртовечки прсти ги викаат.
Дури по стежнатите гранки се јазела со венчето
тревје
таму да го обеси, една злобна ветка под неа се
скршила,
а таа со овој нејзин тревен трофеј во потокот
расплакан паднала. Фустанчето раширено,
ја носело нејзе сирено-лика донегде,
а за тоа време таа си потпевнувала старински
напеви
ко некој што не ја распознава сопствената несреќа
или ко суштество родено и приспособено
на таквата средина. Ама не траело долго
па фустанот нејзин, налокан со многу вода,
ја оттргнал сиротицата од милозвучната песна
и ја потонал во тињеста смрт.“ (препев Д. Михајловски)
За реално да го долови духот на оваа „тињеста смрт“, Миле се одлучил за сликање на отворено, а не во студио. Цели пет месеци кампувал долж реката Хогсмил во југоисточна Англија, и ги документирал и локалните билки, често пати страдајќи од инсектите кои се криеле во нив.
„Мувите тука се помускулести и имаат поголема способност за пробивање на човечкото месо...Истовремено ми се закануваат со тужба што минувам низ приватни полиња и го уништувам житото...понекогаш ми се заканува опасност ветерот да ме оддува во водата и да почнам интимно да ги споделувам чувствата на Офелија кога потонала“, запишал тој.
Но уште потешко ѝ било на Елизабет Сидал, 19-годишниот модел на Миле. Омилена муза помеѓу предрафаелитите, Сидал често позирала но овој пат имала поинаква задача. Со оглед на тоа што требало да биде прикажана како удавена, со денови киснела во када, во која водата била подгревана со маслени ламби. Во еден момент ламбите се изгаснале, а Миле бил толку занесен во сликањето што дури не ни забележал дека продолжил да работи во темница.
Во текот на нејзиното позирање таа многу се раболела. За неа се грижел приватен доктор, кого го плаќал татко ѝ. Но тој потоа го обвинил Миле за нејзиното разболување и го натерал да ги плати 50-те медицински сметки. Ова било сторено, а госпоѓица Сидал за среќа брзо се опоравила.
Овие жртви сепак се исплателе - до денес сликата на Офелија на Миле се смета за ремек-дело, особено во контекст на флората и нејзината симболика. Секој цвет и секое растение на неа имаат своја симболика, како булките кои симболизираат смрт, љубичиците кои отсликуваат верност и врбата која симболизира болка и невиност.