Букер-от кој секоја година се доделува за најдобар роман напишан на англиски објавен во Британија, e награда со големо влијание врз нечиј меѓународен успех и продажба, па дури и ако одреден автор влезе само во потесниот избор. Долгогодишниот спонзор на наградата (од 1968 до моментот на формирање на посебна фондација во 2002), Букер груп, е најголемата компанија-продавач на храна во Британија, формирана од браќата Џорџ и Ричард Букер, кои на почетокот на 19 век го купиле нивниот прв брод и почнале да се занимаваат со транспорт на стоки.
Помеѓу другото тие раководеле со индустрија за производство во Гвајана (Британска Гвајана пред независноста во 1966), период обележан со сурова експлоатација на работници ангажирани во процесот. На врвот од својот успех, компанијата контролирала 75% од шеќерната индустрија во оваа земја, и била толку моќна што постоел и „шегобиен“ израз дека нејзиното име е всушност „Букерова Гвајана“. Работите се промениле дури во 1952, кога под раководство на Џок Кембел компанијата почнала да спроведува поинаква социјална политика која овозможувала заштита на работниците.
Во текот на сите овие години различни автори, меѓу другите неодамна починатиот писател и критичар Џон Бергер, се обидуваа да свртат внимание на проблематичната природа на Букеровата историја во Гвајана. Во остриот говор при примањето на признанието за неговиот роман „Г“, Бергер ја подбра компанијата заради експлоатацијата на африканските робови, и изјави дека половина од парите ќе ги донира на партијата Црни пантери (а другата за проект за мигранти-работници).
Репортерка на Њујорк Тајмс при нејзино истражување во врска со уметноста и отпорот во родната земја на нејзините родители, Гвајана, наишла на документи кои се чуваат во Британскиот национален архив, и кои илустрираат дел од приказната. Во 1815 Џосиас Букер ја напуштил Британија за да управува со плантажа на памук во тогашна Британска Гвајана. Наскоро му се придружиле и неговите браќа, Џорџ, Вилијам и Ричард, но овој пат за да воспостават нова индустриска гранка: обработка на шеќер.
Првиот удар за семејниот бизнис дошол кога Британскиот парламент гласал за укинување на ропството во 1833. Но за нивна среќа, клучни членови на британските политички, верски и банкарски иинституции располагале со голем број робови, па инвеститорите го убедиле Парламентот да им компензира на робосопствениците низ целата империја. И покрај тоа што во тој момент финансиски стоел лошо, тој им исплатил 20 милиони фунти (или денешни 2 милијарди).
Ова ептен им одговарало на Букерови, кои според пресметки на историчарката Хилари МекД. Беклс (во нејзината книга „Британскиот црн долг“), добиле околу 50 фунти по роб (во други колонии сумата била пониска). Но бидејќи вистинската пазарна вредност на овие луѓе била одредена на 47 милиони, Парламентот одлучил дека жителите на Гвајана ќе мора да работат како „стажанти“ во период од неколку години додека нивните газди не си го наплатат остатокот од пазарната цена.
Браќата Букер пријавиле 52 роба, што значи дека се наполниле со пари, плус биле во ситуација да ги купат бизнисите на оние фирми кои биле помалку моќни и морале по аболицијата на ропството да се откажат. Веднаш по „еманципацијата“ нивната работна сила пораснала на 315 луѓе. По четири години неплатена работа, на 1 август 1838, тие едноставно ги отпуштиле. „Денес имав привилегија да ги соберам робовите и да им ја пренесам добрата вест дека тие се слободни, што резултираше со огромна радост низ целата плантажа“, му пишал Џорџ Букер на брат му Септимус.
Наместо да ги исплатат Африканците, британските плантажери ја убедиле владата да им помогне во финансирање патувања за да соберат работници - замена за претходните, овој пат од Индија. До 1917 Британска Гвајана примила 240.000 Индијци, кои и денес се голема етничка група во Гвајана, и се уште во силна конкуренција за работни места со африканските работници, кои колонијалното општество сакало да ги откачи како вишок.
Следел период на постојан развој на компанијата - по Втората светска војна Букеровите се уште биле сопственици на 15 од останатите 18 плантажи. Тие се прошириле и на други бизниси - недвижнини, фармација, осигурување, дури и весници и радио станици. Доминацијата врз економскиот и политичкиот живот била толку голема што Гвајана уште долго била „Букерова“.
Кога Бергер во неговиот говор зборуваше на оваа тема, тој ги спомна и локалните лидери како доктор Чеди Б. Џаган, стоматолог образован во Америка, чие семејство било во ропска служба на Букерови со генерации, и кој постојано се обидувал да ги изложи во јавноста валканите факти околу „Големиот шеќер“. Кога тој бил избран за премиер на Британска Гвајана во 1953, британските власти испратиле трупи за да го тргнат од власт. Вистински слободни и фер избори немало до 1992, кога Џаган се вратил како претседател.
Со ваква историја, среде економски и расни превирања, гвајанските поети и писатели создаваат нарации за отпор, виталност и културна меморија. Можеби и тие еден ден ќе бидат номинирани за Букер, заклучува Њујорк Тајмс.