Го викаат „светска фабрика за слики“, и ова е оправдано, затоа што во најдобрите денови Дафен, село во Кина, произведувало 60% од сите нови слики со маслена техника во светот. Станува збор за предградие на Шензен во јужна Кина, а местото почнало да станува познато по своите репродукции кога при крајот на 1980-тите извесен Хуанг Џианг, сликар и бизнисмен од Хонг-Конг, почнал да живее тука. Тој со себе донел цела „банда“ сликари и студенти по уметност, кои одлучиле да репродуцираат дела од славните западни уметници, како Ван Гог, Леонардо да Винчи и Рембрант за глобалниот пазар.
Сликите биле откупувани од широк опсег муштерии - од хотелски и конференциски центри, до козметички салони и стоматолошки ординации, сите оние кои сакале за мали пари да закачат нешто пристојно на ѕид.
Во „студијата“ кадешто работат уметниците често се наоѓа и нивиот дом, а со нив живее и нивното семејство. Некои работилниците дури користат и систем на „фабричка лента“, со тоа што секој уметник слика мал дел од поголема слика, на пример дрво или око (она во што тој е најдобар), пред да ја предаде на друг, кој можеби ја слика позадината, облаци и сл. И сето ова со голема брзина.
Ова не е нелегално, бидејќи продавачот никаде не тврди дека станува збор за оригинали, а одбраните дела се со истечени авторски права. Во најактивните денови, кога има многу нарачки, еден вработен може да произведе над 20 репродукции дневно.
Сепак, конкуренцијата е голема, а цените опаѓаат, иако галериските сопственици ги преродаваат по многу повисока цена. Некои од студијата сега прават репродукции не само на уметнички дела, туку на што и да сака муштеријата, вклучително и портрети или групни слики од фотографии.
Во 2017 властите, сакајќи да го тргнат „лошото име“ од Дафен како место за производство на евтини плагијати, издале наредба да се отстранат импровизираните студија и ова место да се прогласи за асли уметнички центар. На овој начин се затворени повеќе работилници. Но не сите промени биле негативни - голем број уметници сега ги користат вештините кои ги научиле преку производство на реплики за правење на свои уметнички дела.