Moтивацискиот тренер кој ги убедувал своите жртви да лежат во ковчези и да си го јадат изметот

Почнал со пирамидален бизнис со козметика, за потоа да се префрли на нешто многу повносно - мотивациски семинари на кои, најблаго речено, се случувале многу необични нешта. Го тужеле, го суделе, но тој не го дочекал исходот.

Лондонскиот весник „Сандеј мирор“ од 14 мај 1972 известува за необичен настан кој се случил во хотелот Бел хаус во малото англиско гратче Биконсфилд. Наскоро по пристигнувањето на група гости кои изгледале како да ќе учествуваат на бизнис семинар почнало врескање. Вработените гледале како во салите се внесуваат ковчези, фрштат камшици a од нив се барало намерно да се служи одвратна храна. Сцената била толку вознемирувачка што друг хотел, Ексцелзиор, ѝ забранил на групата да се врати откако еднаш одржала семинар таму.

Ваквото бизарно однесување било вообичаено за луѓето го присуствувале на семинари организирани од страна на тн. Лидершип Дајнамикс Институт, под раководство на Вилијам Пен Патрик. За да ја потврдат својата психолошка стамина, учесниците биле терани да легнуваат во ковчези и да издржат симулација на умирање. Некои биле врзувани за крст, изигрувајќи распнати. Други биле физички малтретирани до степен кога заминувале од семинарот со лузни и рани по телото. Што се однесува до грозната храна, таа била подготвувана за „луѓето да научат да ги ценат нештата“.

Најголемите обожаватели на Патрик верувале дека со користењето на овие неортодоксни техники би можеле да постигнат личен и професионален развој. Но поранешни следбеници имале поинаков став - тоа била очигледна злоупотреба, од страна на „тренери“ кои немале никаква обука или диплома од психологија, а држеле семинари за самопомош.

Освен тоа, минатото на Патрик не било баш сјајно. Неговатa претходна козметичка компанија „Холидеј Меџик“ му донела нечесно заработени милиони. Неговото детство било сиромашно а тој цел живот се опишувал како „уплашено младо момче“. По служењето војска во авијација, студирал историја и политички науки. Но формалното образование не му лежело - „образовани сме да не веруваме во себе, и повеќето луѓе се плашат од животот“, изјавил откако се збогатил.

Тоа го сторил откако, како патувачки трговец, на распродажба купил козметички производи и околу себе организирал дистрибутери - „холидеј грлс“ - кои ја нуделе козметиката на забави, на пријатели и продавајќи ги од врата на врата. Тие тврделе дека производите се направени од органски состојки, што не било точно. Наскоро за Патрик работеле едно чудо луѓе, главно жени, од сите професии и возрасти, напредувајќи од девојка за продажба до „мастер дистрибутер“. На овој начин се создала цела пирамидална шема, која уште во првата година на Патрик му донела еден милион долари. До 1968 имал 25 милиони кои ги трошел на јахти и неколку авиони. 

Наскоро имал и други идеи. Решил да влезе во политика и да ја побара поддршката од Републиканците за гувернер на Калифорнија. Не само што очекувал дека ќе помине, туку и дека ќе стане претседател на Америка. Сепак, во 1972 загубил од сопартиецот Роналд Реган и тоа со огромна разлика во бројот на гласови. 

Но ова не го поколебало. Направил нова програма - Мајнд Дајнамикс - „програма која го зголемува коефициентот на интелигенција, ја подобрува брзината на читање, намалува болка и овозможува натприродна перцепција преку активирање на алфа мозочни бранови“, сето тоа за 150 долари од курс. 

Во најмала рака неконвенционалните методи вклучувале меѓусебно уринирање на учесниците, ставање во кафези и терање тие да си го јадат изметот. Сето ова му донело еден куп судски тужби, врз кои се натрупале уште откако негов авион се срушил и убил 22 луѓе од кои 12 деца.

Семејствата барале милиони отштета. Но Патрик нема да го види исходот од повеќето обвинувања. На 9 јуни 1973 самиот пилотирал авион кој се срушил близу Сан Франциско, убивајќи го и него и патникот. Во 1974 целата пирамида пропаднала. 

23 мај 2022 - 17:03