Истражувањата на спиењето и сонот се сложени, затоа што па и не е лесно да спиеш со апарати прикачени на себе додека те набљудува куп туѓинци. Во изминатите неколку децении сепак е собрано големо количество податоци за траењето на сонот кај повеќе животински видови, како и од раѓање до средовечност кај луѓе. Тие се поврзувани со потенцијални корелати како мелатонин, големина на мозок, стапка на метаболизам, должина на животен век и гени кои поттикнуваат сон. Сепак до скоро недостасувала квантитативна теорија која би одговорила на прашањето зошто, на пример, глувците спијат околу 10 пати повеќе дневно од китовите; зошто човечките бебиња спијат околу два пати подолго како возрасни; зошто РЕМ периодите (рапидно движење со очите) и целокупното време на спиење се менува многу побргу како што бебето расте во големина отколку кај други видови со слична големина; и зошто температурата влијае врз сонот на „ладнокрвни“ животни, како овошни мушички.
Истражувачите на тоа зошто, а не како и колку се спие користат математички модели, комбинирани со емпириски податоци и досегашни знаења за улогата на метаболизмот и специјалниот статус на мозокот. Истовремено, тие се надоврзуваат на претходни успешни или помалку успешни истражувања.
Така, во 1894 Мари де Манасен, една од првите жени-доктори во Русија, објавила значајна статија која покажала дека кученцата кои воопшто не спиеле, умирале по само неколку денови (сироти кученца...). Нејзините експерименти биле изведувани на 10 кученца на возраст од 2-4 месеци, на кои инаку им била давана добра нега. Втора, контролна група, смеела да спие но била изгладнувана. Тие успевале да преживеат и повеќе од 20 дена, додека првите само 4-6. Нејзиниот заклучок бил јасен: „Тоталното отсуство на сон е пофатално за животните отколку тоталното отсуство на храна“.
Иако нејзината методологија не ги исполнува модерните етички и експериментални стандарди, резултатите се потврдени и од поригорозни студии во следните години: пролонгираното бдеење може да предизвика смрт не само кај кучињата туку и кај глувци, овошни мушики и веројатно кај луѓе, поради болест позната како фатална инсомнија. Таа е резултат на мутација на протеински ген, слично како кај попознатата „болест на луди крави“. За обете нема познат лек.
Во просек човек кој спие помалку од шест часа ноќе има 13% поголема шанса за смртност отколку некој кој спие помеѓу 7-9 часа. И покрај огромната важност на сонот по здравјето, темата не е доволно истражувана, ниту пак пореметувањата на сонот се сметаат како доволно сериозно заболување.
Од еволутивна гледна точка спиењето е обратно од корисно - зошто некој организам би влегол во несвесна, ранлива состојба и тоа во тек на неколку часа во теминица, ако баш не мора? Интуитивното објаснување е дека сонот служи за конзервирање енергија и одмор. Кога спиеме ја намалуваме брзината на метаболизам, но за само 15% - заштедуваме само 100 калории ноќе, еквивалентно на парче леби путер. Ова тешко дека може да ги оправда комплексноста, ранливоста и предизвиците на сонот.
Оттаму, веројатно најважната функција на спиењето е реорганизирањето и реконфигурирањето на невралните конекции во нашите мозоци, кои се одговорни за голем број сетилни дразби кои постојано ги добиваме. Тоа се и надворешни, но и дразби кои доаѓаат од нашите сопствени тела, како срцево биење и сигнали од утробата. Ова секојдневно процесирање е фундаментална компонента на нашата способност за учење и помнење. За да останеме ефикасни ноќе мора да ги „кастриме“ ретко користените синапси, да се реорганизираме, како кога тоа го правиме со домашните компутери, чистејќи ја „кантата“ и прегрупирајќи ги фолдерите, за компјутерот да работи подобро. Истовремено, сервисирањето подразбира не само кратење и реорганизирање, туку и поправање на мали штети, како во нас да има човечиња со алати кои одвнатре нè глетуваат и менуваат сијалици. Преодот од неврална реорганизација кон поправки се случува кога сме многу мали - по 2,5 години од нашиот живот. Пред оваа возраст мозоците ни се пофлуидни и подложни на моделирање, а потоа многу по „замрзнати“, се уште способни за учење и адаптирање но со многу повеќе напор. Истовремено поподложни на дефекти.
И покрај напредокот на науката поврзана со спиењето, и денес остануваат голем број прашања. Меѓу нив и она дали оваа рана „флуидна“ фаза на спиење може да се продолжи? Колку таа варира и денес помеѓу поединци? Колку различните причини за сон се натпреваруваат или споделуваат време во текот на спиењето, и кои се последиците од истото? Мистеријата на сонот изгледа ќе нè опседнува уште долго во текот на нашите будни животи.
извор