Кога бев дете, не верував во поговорки и мудри изреки. Денес, кога годините минуваат сè побргу, гледам дека сум згрешил. Знам дека жалопојките од типот „ех да знаев порано, сè ќе беше поинакво" се сосема непотребни, затоа што минатото е непроменливо, но сепак понекогаш се прашувам што сè сум можел да избегнам во животот ако повнимателно сум ги слушал советите на тие есенции на човечкото искуство. На пример, на сите мои тетратки и учебници од гимназија уредно ја испишував латинската изрека: „Опасноста е во одложувањето", скапоцен совет кој главно не го користев додека одев во гимназија, но кој убаво звучеше. Тоа е можеби единствениот совет кој подоцна, како писател и преведувач, секогаш го применував.
Други совети не минаа така добро кај мене. На пример, прекрасниот совет од талмудските „Изреки на отците": „Подучувај го својот јазик да вели: не знам" - кој да го слушав ќе ми помогнеше да одбегнам низа недоразбирања, непотребни конфликти и сериозни кавги. Да се каже „не знам" во вистински миг ја смалува тензијата, ја враќа самодовербата и помага во повторното воспоставување рамнотежа. За жал, поголемиот број луѓе смета, од најразлични причини, дека признавањето на незнаење во исто време е и прифаќање на пораз, што е сосема неточно. Никој не ги знае сите нешта, иако поголемиот број од нас веруваат дека се експерти за сè, а доколку се покаже дека нешто не е во ред со нашите совети и „знаење", тогаш за тоа ќе биде обвинет некој друг.
Веднаш на памет ми паѓа изреката која моите родители често ја повторуваат: „Уздај се у се и у своје кљусе" (Имај верба во себе и својот коњ). Човекот, во суштина, е сам на светот, но ако верува во себе полесно ќе ја поднесе таа самотија. Од друга страна, ако во неговата самотија го навјасаат и го критикуваат од сите страни, тогаш треба да се има на им друга „коњска поговорка" - По добриот прашина се крева. Таа поговорка мојата мајка ми ја нудеше како магична заштита од лошите критики, злонамерните коментари на колегите и повремените презриви оценки на некои читатели. Иако ми требаше доста време да се навикнам на идентификацијата со коњот, макар и со добриот, оној миг кога ја прифатив сите неволји со евентуалните негативни критички оценки на моите книги речиси исчезнаа. Впрочем, негативната критика се пишува со многу повеќе искреност отколку повеќето позитивни критики, и таа искреност секако треба да се цени.
Долг низ години ме збунуваа поговорките: „Младото дрво лесно се свива" и „Не е злато сè што сјае". Имено, тие беа напишани една над друга на внатрешната страна на корицата на некоја детска книга, и јас бев уверен дека се работи за една поговорка, што ја правеше сосема неразбирлива. Тогаш тажно се прашував каква врска има младото дрво со лажното злато и, секако, не успевав да си одговорам. Така ја пропуштив приликата како помлад да се посветам на некои телесни активности, кои бараа младешко свивање. Сега радо би се свил, но „годините се многу, а р'бетот нејак", па често ми се случува да не успеам да го дофатам златото кое ќе пролета крај мене. Додека јас да се свијам, можам само да исчепкам грутче лажно злато. Она вистинското секогаш завршува во туѓи раце.
Корисен совет нуди и изреката: „Не го цени волот по роговите, ни човекот по мустаќите". И доволно е да се сетиме на Хитлер и Сталин за да се види колку е ова точно. Додуше имало, и сигурно ќе има, и мазно избричени диктатори, што само го потврдува предупредувањето дека човекот никогаш не смее целосно да се опушти. Како што не би смеел да си аплаудира себеси на успешно изведено дело или на некоја постапка која, како што е уверен, го чини навистина добар човек. Имено, во една изрека пишува: „Постојат само двајца совршено добри луѓе: мртов и нероден". Сите останати, сите ние останатите, во поголема или помала мерка сме лоши и можеме само да се обидуваме да станеме подобри и попаметни. Додуша, и тука постои едно предупредување, изрека која вели: „Подобро е да се биде по малку луд, отколу малку паметен". Во првиот миг таа изрека малку нè кочи, затоа што сме научени паметот секогаш подобро да го оценуваме од лудилото, но вистина е дека оној кој е малку паметен може да нанесе многу повеќе штета од оној кој е малку луд.
Па сепак, совршената доброта, барем теориски, е достапна. Би можеле лесно да собереме грст поговорки и изреки кои кога доследно би ги применувале би нè преобразиле во сопственици на речиси совршена доброта. Мислам на оние како што се: „Ако не почнеш, нема ни да завршиш", „Кој на другиот јама му копа, сам во неа паѓа", „Орелот не фаќа муви", „Уметноста е долга, животот краток" и многу други.
Некои изреки се толку хируршки прецизни што речиси нанесуваат болка. Една од нив е оваа: „Не е среќен оној кој го има она што го сака, туку оној кој не го сака она што го нема". Да, зависта е опасен отров, како и страста или алчноста.
Од некоја причина тука се сеќавам дека моите родители често велеа: „Чувај се од лажни пријатели", а јас онака дрско како што тоа го умеат децата, им одговарав: „А како да ги препознаам?". Тогаш тие замолкнуваа затоа што на моето прашање не можеше да се одговори. Во друга ситуација не минав така добро - имено, беше зима, требаше да одам во школо и мајка ми ме тераше да ставам капа на глава. Пркосно ѝ реков: „Чизмата главата ја чува, шубарата ја расипува". Памтам дека мајка ми само еднаш ми има удрено шамар во животот, тогаш. И ден-денес, после многу години, мислам дека беше во право. Познавањето на поговорките не претставува дозвола за безобразлик, но и тоа треба да се научи. Како и онаа едноставна изрека: „Ако сакаш пријател, прво стани пријател".
И веднаш следи предупредување, истото она кое го имам чуено од моите родители: „Чувај се од лажни пријатели". Додуше, не вели ништо за тоа како да се препознаат лажните пријатели, но веќе научив што значи тоа - некој дел од работата, каков и да е тој, сепак треба сами да си го завршиме.
Извор: Бука