Јанаги Сетсу (1889-1961) бил јапонски ликовен критичар и филозоф. Во 1916 прв пат заминал за Кореа, заинтересиран за тамошните занаети. Таму, заедно со двајца грнчари, дошол до идејата за „мингеи“, концепт преку кој ќе се промовира убавината на рачно изработеното движно културно наследство (чинивчиња, шољи, чајници, мебел, облека) кои до тогаш воопшто не се сметале за вредни, туку биле третирани како инфериорни во споредба со „високата“ уметност. Сетсу добро го проценил и историскиот момент, затоа што Јапонија во текот на 20 век почнала да минува низ брз процес на модернизација, и постоел ризик голем дел од ова наследство да се загуби и да се замени со индустриски производи по углед на Западот.
Во тек на неколку децении тој создал збирка од над 17,000 парчиња низ цела Јапонија, што станало основа на Мингеикан, музеј на предмети поврзани со концептот кој и денес постои во Токио. До моментот кога Јанаги умрел, во 1961, терминот влегол во јапонскиот јазик, а неговите идеи оставиле траен белег во јапонскиот дизајн и врз современите модни креатори (како Исеи Мијаки) или популарните кујнски прибори на Муџи.
Според Јанаги овие утилитарни предмети се направени така за да исполнат одредена функција, нивните автори се анонимни, скромни се во однос на употребениот материјал и водат „тивки животи“ - каква и да е задачата која им е зададена, тие ја вршат без голема џева. Според него, дефинирањето на убавината без притоа да се земе предвид практичната страна на одреден предмет е грешка. „Нашето естетско чувство е нарушено поради фактот дека убавината и животот се третирани како одделни области на постоењето“, а истовремено предметите направени од неквалитетен материјал, вулгарно обоени и без никаква идеја не се само „очоболни“ туку и аморални и неетични. Така, мингеи станува и активистичко движење, против масовното производство.
Во актуелниот миг „мингеи“ може да се поврзе со скромните маски за лице. Има луѓе кои го искористија овој несреќен период за сепак да вдахнат убавина дури и во нив - да не бидат просто бели мрежички, туку насмевки, елаборирани цртежи, можеби референци на други уметнички дела. И тие можеби еден ден ќе се најдат во музејот Мингеикан на Сетсу.