Метафорите ни се една од најинтересни јазични теми - претходно имаме пишувано за оние прекумерно користените, но и за оние креативните на еден политичар од соседството. Tие повторно оживеаа деновиве во контекст на дискусиите околу можниот напад на САД на Сирија. Обама зборува за „преминување на црвената линија", Башар ал-Асад за „Блискиот исток како буре барут чиј фитил станува пократок". Џон Кери ги нарекува луѓето кои имаат дилеми „изолационисти од фотеља", што треба да асоцира на бескорисни дремачи покрај огништето а не на промислени донесувачи на одлуки. Во меѓувреме, медиумите ја нарекуваат Франција „пудлицата на Америка". И тоа не е прв пат оваа земја да биде опишана како послушно кученце.
Но ако нешто долго се повторува (во случајов метафората со пудлицата) тоа не значи дека тоа отсекогаш го имало истото значење. На блогот Language Log на Универзитетот Пенсилванија во потрага по најстариот пример на користење на оваа метафора, се дојде до 1907, кога Лојд Џорџ ги нарекол членовите на горниот дом на Парламентот „пудлици на лордот од Балфур". Но пудлицата на пример кај Гете има сосема поинакво метафорично значење, бидејќи во „Фауст" токму ѓаволот, Мефистофел, се преправа во такво животно. Кога се открива неговата вистинска форма, Фауст извикува: „Das also war des Pudels Kern!", или „Значи тоа била суштината на пудлицата!", што оттогаш се користи како израз во германскиот. Неговото значење е далеку од она сегашното, а и од она кое го имале на ум оние кои ја создале пудлицата како раса, како интелигентен трагач по вода, и - колку и да е чудно - корисно куче во услови на војна.
Но како што во медицината односот кон некоја болест, како на докторот така и на пациентот, зависи од употребените метафори кои можат да сугерираат надеж, можност за одбрана или напад врз болеста, така и во политиката јавното мислење може да се насочува кон разгорување или смирување на страстите, во случајов кон идејата за напад или мирно решение. Кога еднаш нешто ќе биде опишано како „црвена линија", „прозорец на можности (поволна прилика)" или „молскавичен удар", потоа е тешко да се контролираат реакциите кои ќе следат - линијата да се поместува, приликата да се пропушти, а ударот да не биде силен. Но ако нешто се може, тоа е да не се биде човечка пудлица, во секаква смисла.