Meтафората е во принцип многу благородна стилска фигура. Ти овозможува да си играш со јазикот, да правиш чудни аналогии, да велиш дека „срцето ти е скршено" кога кардиолошки тоа си е наместо, или дека „времето лета" кога тоа не е ни птица ни авион. Но прекумерната или несоодветна употреба на метафората може да биде збунувачка и контрапродуктивна - наместо вешто да илустрирате некаква поента или да направите реторички ефект, всушност да си ја исечете гранката на која седите. Метафорично.
„Обидете се да го сочувате авторскиот стил, секако ако постои автор и ако има стил", бил еден од советите на Волкот Гибс, кој работел во Њујоркер од 1927-1958 на уредување на литературни прилози. „Нашите автори се полни со клишиња, како што старите амбари се полни со лилјаци. Очигледно не постои правило за ова, освен она дека ако се сомневате дека нешто е клише тоа без сомневање е тоа, и е подобро да се отстрани".
Во англискиот има повеќе вакви примери. Еден е зборот „катализатор" кој често се користи во смисла на поттикнувач на промена. Сепак хемиски зборувано, катализатор е нешто кое забрзува хемиска реакција но самото не се менува во нејзиниот тек. Да се опише некој кој започнува револуција со тоа што ќе се самозапали како „катализатор“ не е баш соодветна метафора.
Слична несоодветност важи и за опишувањето на идеолошките разлики како „војни" (како во „културни" или „научни" војни) - тоа го поттикнува умот да размислува за војните како природна, неизбежна состојба, и ја замаглува вистинската природа на војната, која не значи само вербално или идеолошко конфронтирање, туку смрт и страдање.
Први што ни паѓаат на памет во наш контекст се спортските метафори. „Го остави срцето на теренот" или „стативата му беше сојузник на голманот" може и некако да поминат ако се кажат еднаш, и никогаш повеќе, но спортските новинари би можеле да смислат и некоја покреативна метафора за опишување на состојбата на екстремна пожртвуваност или за среќна околност.
Од областа на политиката слични би биле „европското семејство" или „пред вратите на НАТО" - ко нечија братучетка да треба да отвори врата, да нè прими во дневна, па ние со мезе и ракиичка да размениме прстени, и да се ородиме. Политичарите од регионот кои се обидуваат да го разиграат јазикот, а се сепак разбирливи, се бројат на прсти, а за метафорите на еден од нив веќе пишувавме.
Со еден збор, папагалското повторување на една и иста метафора неа ѝ ја одзема првичната сила, и ја прави не само општо, туку и празно место. Сетете се на тоа следниот пат кога ќе помислите дека нечиј текст или говор се досадни. Веројатно е до метафорите. Истрошени му се.