She walks in beauty, like the night
Of cloudless climes and starry skies;
And all that’s best of dark and bright
Meet in her aspect and her eyes
(Lord Byron)
Мериен Евелин Габриел Фејтфул (1946) ја постигна својата популарност во 1960-тите, кога имаше и врска со Мик Џегер, но беше и анорексична, зависник од хероин и бездомник. Овие премрежја ѝ го променија гласот, правејќи го од висок и „ангелски“ во зарипнат, „потопен во виски“ (слично како што го опишуваат на оној на Вејтс). Истовремено, ова станало аудио назнака за она што една жена како неа го поминала низ својата долга кариера, која приватно не била толку блескава како што изгледала.
Неодамна таа излезе од болница после 3 недели борба со Ковид-19 и успеа да го издаде својот нов, 21-ви албум, комбинација на поезија и музика. Поезијата е на британските романтичари, Бајрон, Китс, Шели, Вордсворт. Во позадината се слушаат суптилни ѕвона, песна на птици и ефекти кои потсетуваат на „Гоустин“ на Кејв. Слушањето на целиот албум одеднаш е прилично напорно, едноставно не е можно да се биде сконцентриран на толку песни одеднаш, па препораката е да се слуша само една песна на ден. Од друга страна, начинот на рецитирање на Фејтфул е постојано со сличен ритам, што на крајот го претвора слушањето на албумот во малку поинакво искуство - не слушање поезија туку повеќе влез во хипнотичко искуство, каде зборовите веќе и немаат поврзано значење.
Тоа да се знае низ што поминала низ годиниве Фејтфул на приватен план додава на тежината на изговореното - зависноста, обидите за самоубиство, рак на гради, хепатит Ц и во 2014 скршен колк кој по операцијата се воспалил. Кога на сето ова се разболе и од Ковид, редакциите на големите медиуми веќе подготвуваа некролози. Меѓу белешките кои ги оставале докторите за време на нејзиното лежење во болница таа ја открила и фразата „само палијативна грижа“, што значело дека и тие се сигурни дека таа нема да преживее.
Но фактот дека ова сепак се случило ѝ дало уште поголем поттик да го заврши албумот. Во песните, вели таа, се огледува вечноста, „тие се како река или планина, толку убави и утешни“. На овој начин може и го надоместува своето изучување на англиската литература за коешто се подготвувала кога сакала да се запише на Кембриџ и на Оксфорд и да студира книжевност, филозофија и компаративна религија. Но тогаш се нашла на забава која ја организирале Стоунси, и животот тргнал во поинаква насока...