Акт 1,5 - именуван според договорот за климатска акција на ОН кој ги повикува државите да го одржуваат глобалното затоплување на ниво на 1,5 степени по Целзиус годишно е истовремено и име на концерт којшто го одржа британскиот бенд Масив Атак, вчера, 25 август, во нивниот матичен град, Бристол.
На официјалниот сајт на групата беше соопштено дека ова е прво нивно британско шоу во последниве пет години, а дека тоа ќе претставува кулминација на нивниот 25-годишниот климатски активизам и прв видлив резултат на соработката со климатски научници и аналитичари.
Настанот беше 100% покриен од обновлива енергија, но самите посетители, 30.000 на број, не ја почувствуваа разликата со типичен музички фестивал освен во придружните елементи - целосно веганската храна служена со прибор кој може да се компостира, како и можноста самите да си носат чаши за пијачка (добро, имаше реакции за долгите редици и затоа што многу бргу снемало храна, но тоа е друга тема).
Наместо дизел генератори беа користени електрични комбиња со големи батерии, немаше паркинг и публиката беше поттикнувана да дојде со воз. За таа цел беа пуштени пет специјални возови за враќање од концертот низ југо-западна Англија.
Партнер во организирање на настанот е Зеноби Енерџи, чиј претставник изнесе статистика според која само на британските фестивали се трошат 12 милиони литри дизел секоја година. Масив Атак низ годиниве имаат драстично намалена логистика, од шест камиони на два, и патуваат колку што е можно почесто со воз додека се на турнеја.
На сличен пат се и Колдплеј (види претходно „Винилите од новиот албум на Колдплеј ќе бидат направени од стари пластични шишиња“) и Били Ајлиш, за разлика од ѕвезди како Тејлор Свифт, која е постојано критикувана од климатските активисти поради огромниот јаглероден отпечаток кој го оставаат нејзините два приватни авиони и другата опрема со која се организира турнејата Ера, која без оглед на тоа руши рекорди на продажба.