Винилите од новиот албум на Колдплеј ќе бидат направени од стари пластични шишиња

Британците Колдплеј најавија дека својот десетти албум ќе го издадат на еколошки најодржливиот винил досега. Бендот вели дека јаглеродните емисии за негова изработка во овој случај ќе бидат намалени за 85%, благодарејќи на нов метод. 

Секој примерок тежок 140 грама од „Мун Мјузик“, кој ќе излезе на 4 октомври, ќе биде направен од девет пластични шишиња извадени од отпад. Но и останатите медиуми ќе бидат обележани со префиксот „еко“ - албумот уште од сега може да се нарача во четири физички формати, сите јасно означени како „прво издание“, и тоа Еко ЦД, Стандардно Еко ЛП, како и тн. „Еко ноутбук“ издание и на ЦД-то и на плочата во комплет со книга во тврд повез. Таа е реплика на оригиналната студиска тетратка на Крис Мартин, пејачот на бендот. Огромен дел од пластиката којашто притоа ќе биде употребена е од непрофитната организација The Ocean Cleanup од Гватемала, која спречила нејзино влегување во заливот на Хондурас и во Атлантскиот океан. 

Бендот вели дека ќе ги намали емисиите на јаглерод споредено со обичниот 140-грамски винил за 85% и ќе превенира производство на 25 тони нова пластика. Примероците на ЦД-ињата ќе бидат направени од 90% рециклирана пластика, со 78% намалени емисии споредено со традиционалните ЦД-иња.

Инцијативата е во склоп на обидот на Колдплеј да го намали влијанието врз животната средина на своите турнеи. Во тек е нивната светска турнеја „Музика на сферите“, која во моментов се води како трета најпрофитна на сите времиња. 

„Мун мјузик“ ќе биде десетиот албум на Колдплеј, а првиот сингл од него, feelslikeimfallinginlove, ќе биде објавен во петок, 21 јуни. 

17 јуни 2024 - 19:43