После децении правни натегања, ракописот е повторно во сопственост на Француз, и по неговата репатријација од Женева тој ќе биде изложен во Националната библиотека на Франција во септември, во знак на одбележување на 200 години од смртта на Сад. Книгата е пишувана на тесни парчиња хартија во 1785, додека Сад бил затворен во Бастиља, каде лежел поради обвинувања од неговата тешта, а и заради богатата „кариера" на содомија и сексуално насилство. Ливчињата ги споил во 12 метарска ролна, и плашејќи се дека ќе му ја запленат, ја скрил во дупка во ѕидот на неговата ќелија. Неколку дена пред заземањето на Бастиља од 14 јули 1789, Сад бил преместен во затвор за ментално болни. Умрел без да знае каква ќе биде судбината на ракописот, за кого како што самиот велел „исплакал крвави солзи".
Но ракописот всушност бил пронајден, и во 1929 го купил извесен виконт, сват на Сад. Неговата ќерка Наталија го чувала во орман на нивниот имот во Фонтенбло, и често го покажувала на видните гости, меѓу кои и на Итало Калвино. После триста перипетии кои влучувале и кражба на ракописот, и по комплициран судски спор кој се одвивал 25 години, како негови сопственици се назначени семејството на Жерар Нордман - швајцарски колекционер на еротика, кој го откупил ракописот за 60,000 долари во 1982 и оттогаш го чува во Женева, и Карло Пероне, италијански издавач на весници, син на споменатата Наталија.
Кога конечно биле утврдени луѓето со кои треба да преговара, Бруно Расин, директорот на Националната библиотека на Франција, почнал да се интересира за откуп на оригиналот, во рамки на неговите напори во оваа институција да вдоми ракописи кои се од такво, национално значење. Меѓу другите, за време на неговото директорување од 2007 библиотеката за неколку милиони евра ги има откупено мемоарите на Казанова, архивот на францускиот филозоф Мишел Фуко и архивата на француските марксистички теоретичари. Но целиот случај со ракописот на Сад излегол најтежок.
И покрај големата желба на Расин, на крај „120 дена содома" отишла во рацете на Жерар Леритие, претседател на Аристофил, фирма која специјализира во ретки ракописи. Тој го купил за 7 милиони евра, а истиот во моментов се проценува на 12 милиони од страна на Лојд. Сепак, Французите се среќни што Сад сепак се враќа дома.