Културниот центар на Белград во копродукција со загрепскиот Лексикографски завод „Мирослав Крлежа" реализираше проект кој се занимава со животот и делото на големиот писател на сосема поинаков начин. Стрипот „Евангелие по Мирослав - апокрифна верзија" е претставен летово на едномесечниот Фестивал на еден писател посветен на Крлежа во Белград, а загрепската промоција се очекува во ноември.
На стрипот работеле двајца српски и двајца хрватски цртачи, а по сценарио на Бора Ќосиќ, авторот на славниот субверзивен роман од 1969. „Улогата на моето семејство во светската револуција", долгогодишен проучувач на делото на Крлежа чиј труд резултираше со квази-автобиографскиот роман „Доктор Крлежа". Тој во предговорот за стрипот вели: „Веќе во самата замисла имаше нешто лудо - од познатиот книжевник да направиме некаков Флеш Гордон или Мандрак. Овој албум не е никаква поучна читанка, туку збир на прекрасни цртежи во кои треба да уживате".
Приказната го следи детството на Крлежа, неговиот живот во интернат, првото доаѓање во монархистичкиот а потоа комунистички Белград, воените трауми, црковните проповеди и малограѓанските сплетки на кои бил изложен, винските занеси и еротските халуцинации, играњето шах со Тито..сето тоа прикажано преку различни цртачки стилови, од графитџиски до поетски.
Самиот концепт го осмислил и уредил Александар Зограф, стрип уметник од Панчево. Запрашан зошто овој стрип би бил апокрифен, тој одговара:„Секој коментар на работата на некој писател всушност во себе има нешто апокрифно. Се занимаваме со светот на Крлежа, иако самиот Крлежа веќе го нема. Ние, скромните стрип цртачи се нафативме да впловиме во светот на книжевноста, каде уште многумина веруваат дека пoстојат некакви свети крави. Длабоко верувам дека на Крлежа би му било драго што некој неговото дело го третира на неортодоксен, поинаков начин".
И на крај логичната идеја: стрип за Петре М. или Конески? Пинг македонски стрип цртачи.