Токму тоа му се случи на петоодделенецот Мајло Поњевозик, чија композиција филхармонијата ја изведе пред преполна сала од 2,000 деца.
Програмата на њујоршката филхармонија која кулминираше со овој концерт се вика „Многу млади композитори", а ја иницирал композиторот Џон Дик, кој свири бас во овој оркестар повеќе од 40 години. Идејата му дошла кога пред неколку години влегол во некое основно училиште во Бруклин. Цртежите изложени во ходниците за него биле знак дека децата можат на ист, апстрактен и искрен начин да мислат и во музиката. Оттогаш, 72 деца од шест училишта - партнери на филхармонијата секоја година учествуваат во оваа бесплатна воншколска активност. Музичкото предзнаење не е услов за некое дете да се квалификува, туку пред сè неговата желба. „Некои од децата на првиот час не знаат да покажат каде е 'до' на пијаното, но тоа не значи дека тие уште тогаш не знаат да компонираат. Нашиот начин е следен - тие ни хмкаат, ни пеат, ни свиркаат, со плескање го одредуваат ритамот, а ние тоа го запишуваме. Така го добиваме нивното дело", изјавил Дик.
Мајло минатата година напишал квинтет за музичарите од филхармонијата. Но овој пат во игра е целиот оркестар - харфи, хорни, труба, дури и звуци на ветер. Краткото музичко парче, компонирано со помош на програма Сибелиус, се вика „Глобтротер" и навистина ветува. Нам ни личеше на филмска музика, нешто со воини и принцези, авантура и акција, ама со хепиенд. Исто како и приказнава за Мајло, кој следниот пат очекуваме да напише цел концерт - ова ни беше малку. Слушнете и самите.