„Малата Амал“ е приказна за деветгодишно девојче кое си ја бара мајка си, која заминала да најде храна и никогаш не се вратила. Дејството започнува во град на неколку километри од сириската граница, а таа е единствениот лик во амбициозниот проект „Пеш“, посветен на животите на сите оние повлијаени од глобалните хуманитарни кризи.
По поминати 8000 километри, со девет куклари кои ги контролирале нејзините движења и изрази на ликот во тимови од по тројца, проектот е при крај. Денес (вторник) малата Амал ќе го премине каналот за да влезе во Британија во последната фаза од нејзиното патување. Продуцентот Дејвид Лан вели дека „претставата“ натерала илјадници луѓе долж патот да се замислат за своите ставови кон бегалците, особено кон раселените деца кои се приморани да ги напуштат своите домови поради вооружени конфликти.
Сепак, не би било точно да се каже дека трупата наидувала само на топлина и поддршка во текот на патот. Во Грција таа се соочила со протести на радикални десничари кои фрлале предмети кон неа додека таа поминувала по улиците, а во Атина нејзината патека морала да биде променета поради ризик од судири. Во Франција, градоначалникот на Кале покренал дискусија за нејзиното присуство.
На моменти патешествието на кукла висока 3,5 метри изгледало точно како опасните минувања на бегалците низ Европа, но имало и сцени на добредојде и солидарност.
Во текот на патувањето трупата посетила и бегалски кампови и организирала креативни проеки со деца на бегалците. На турската граница со Сирија, кадешто започнал патот, децата бегалци направиле светилки за да ја пречекаат. На турскиот брег таа поставила патека од оставени чевли на плажата, отсликувајќи ги илјадниците бегалци кои се удавиле обидувајќи се да стигнат до другиот брег. Во Италија куклата го посетила Ватикан и се ракувала со папата. Во Брисел илјадници деца ѝ напишале писма, на тој начин поттикнувајќи го сочувството со девојче на нивна возраст.
Koнструирана од компанијата Хендспринг, дизајнерите на филмот „Воениот коњ“ на Спилберг, куклата е многу експресивна, делува како да е навистина жива, елегантна во движењата но истовремено и моќна поради својата висина. Помеѓу кукларите во продукцијата има и поранешни бегалци од Кале, каде што всушност и почнала претставата уште во 2016. Куклата сега ќе го мине Каналот легално, спакувана во камион, а хорски перфроманс ќе ја пречека во Фолкстоун, на брегот каде илјадници баратели на азил пристигнуваат секоја година. Патешествието ќе заврши во Манчестер, после неколкумесечно патување и поминати повеќе од 8000 километри.