Црно-белата шпионска серија за Втората светска војна, „Седумнаесет моменти пролет“, која во Советскиот сојуз почнала да се прикажува во 1973, ја гледале неверојатни 50-80 милиони гледачи по епизода. За време на 70-те минути колку што траела, градските улици се празнеле, електраните едвај постигнувале да ги напојат со струја сите домаќинства, а криминалот за момент згаснувал. Леонид Брежњев, советскиот лидер, наводно го променил времето на одржување на состаноците на Централниот комитет за да може да ја гледа секоја епизода.
Главен лик во серијата бил советски шпион кој се инфилтрира меѓу нацистите, за да ја следи тн. Операција Изгрејсонце. Ова е името под кое се воделе реалните историски преговори помеѓу германската и разузнавачките служби на западните сојузници, за да се постигне локално предавање на германските сили во северна Италија. Ова кај Советите довело до сомневање дека Американците сакаат да потпишат посебен мировен договор со Германците и резултирало со вжештена кореспонденција помеѓу Сталин и Рузвелт, што се смета за рана епизода од студената војна која следела.
Ликовите и дијалозите од серијата набргу станале дел од урбаниот руски фолклор. Се разбира, нејзината главна цел била пропаганда - тие биле дел од реформите иницирани од Јуриј Андропов, тогаш нов шеф на Ка-ге-бе, за подобрување на имиџот на агенцијата. Тој сметал дека авторитетот на КГБ бил нарушен од десталинизаторските реформи на Хрушчов и сакал агенцијата повторно да стане престижна. Ова се обидел да го постигне со враќање на мистеријата околу активноста на тајните агенти, надевајќи се дека така ќе привлече млади и образовани регрути.
Андропов од разни уметници нарачал серија книги, песни и филмови кои ја глорифицирале работата на агентите. Едно такво дело било она на Јулијан Семјонов, за кого Андропов ја отворил архивата и му ги ставил на располагање документите за Операцијата Изгрејсонце, кои требало да послужат како негова инспирација. Романот кој произлегол од ова, под наслов „Нема потреба од лозинка“ (1966), послужил како основа на серијата и за главниот лик - агентот Максим Исаев, чие кодно име е Макс Ото фон Штирлиц.
Режијата ѝ е доверена на една од првите советски режисерки, Татјана Лиознова. Нејзе ѝ „помагал“ заменикот на Андропов и двајца КГБ оперативци, како „технички советници“. И покрај крајно ограничувачките услови, Лиознова успеала да ја трансформира пропагандата во уметност, особено со помош на харизматичниот актер Вјачеслав Тихонов, кој го играл двојниот агент-херој. Била нарачана и посебна музика, на моменти носталгична и меланхолична, како чувствата на тајните агенти кон нивните блиски во татковината. Главната музичка тема, „Моменти“, била базирана на песна на Роберт Рождественски.
Уште по првата епизода Штирлиц станал советски фолк херој, анти-Џејмс Бонд. Тој бил советски одговор на тоа како руските разузнавачи биле портретирани во филмовите за Бонд. Овој агент, за разлика од оние суровите Совети на американската пропаганда, минува повеќе време замислено гледајќи низ прозорец отколку што ги крши, акробатски влетувајќи низ нив.
Серијата имала необичен живот по распадот на СССР. Во 1991 режисер од Санкт Петерсбург направил краток филм за локален советник, кој претходно работел како советски шпион во Источна Германија. Една од сцените била римејк на крајот на „Седумнаесет моменти“, кога Штирлиц се враќа во Берлин. Советникот бил снимен зад воланот на својата Волга, со музиката од серијата во позадина.
Тој советник бил Владимир Путин. Така, луѓето почнале да ги поврзуваат овие два лика. Иако Путин никогаш директно не изјавил дека Штирлиц го инспирирал да стане шпион, факт е дека кога серијата прв пат се прикажувала тој имал 21, а на КГБ се придружил две години подоцна.
Но поврзувањето сигурно не му нанело штета. Во 1999 според анкета на весникот Комерсант, за тоа кого луѓето сакаат да го видат како следен претседател на Русија, Штирлиц бил на второ место, веднаш до Маршал Зуков, генерал на советската Црвена армија. Среде корупцијата на Русија од доцните 1990-ти, Путин се издвојувал, бидејќи на него се гледало како на „Штирлиц“ тип на карактер. Тоа и денес, по 18 години, за многумина, па дури и за помладите кои само слушнале за овој лик, е се уште така.
Претходно: „Есторил“ или приказната за вистинскиот Џејмс Бонд